Македонките се дотеруваат во Косово, а Косовките одат на шопинг во Солун

Нова шопинг дестинација – нашите трговски центри стануваат прескапи. Македонките, освен во Врање, почнаа да одат и на шопинг во Косово, пред сè поради евтината гардероба. Велат дека во Косово може да се купи брендирана облека по багателни цени и дека моловите и продавниците работат и во недела. - Има бутици каде што најскапото парче гардероба чини 10 евра. Може да се најде гардероба за сечиј џеб. Јас си купив блуза за 3 евра, сако за 5 евра... Дефинитивно цените се пониски отколку кај нас, а друга предност е што сè е на едно место. Не губите време да одите од еден до друг мол или од една до друга продавница за да купите поевтино, таму сè ти е на купче - вели една скопјанка за весникот ВЕЧЕР

4616

Македонките, освен во Врање, почнаа да одат и на шопинг во Косово, пред сè поради евтината гардероба. Велат дека во Косово може да се купи брендирана облека по багателни цени и дека моловите и продавниците работат и во недела. Граѓаните одат со сопствен превоз или со организиран превоз со автобус, преку агенција, а повратната карта чини 350 денари. Освен тоа што може да се подноват со модерно парче облека, може да ручаат поевтино и да купат лекови и нешто за дома.

– Има евтина гардероба, но и цените во угостителските објекти се прифатливи. Може да си изнакупиш брендирана гардероба по двојно пониска цена отколку кај нас. Има и евтини обувки, но и гардероба за деца. Кога има попусти во текот на празниците, тогаш цените се многу пониски и за евро-две можеш да си купиш еден куп работи за себе и за дома – вели Елена, која неколку пати била во Урошевац на шопинг.

Друга, исто така, вели дека оди, пред сè, поради евтината гардероба, но купува и работи за дома и лекови, кои се многу поевтини отколку кај нас.

– Има бутици каде што најскапото парче гардероба чини 10 евра. Може да се најде гардероба за сечиј џеб. Јас си кипув блуза за 3 евра, сако за 5 евра.. .Дефинитивно цените се пониски отколку кај нас, а друга предност е што сè е на едно место. Не губиш време да одиш од еден до друг мол или од една до друга продавница за да купиш поевтино, туку сè ти е на купче – раскажа за весникот ВЕЧЕР една скопјанка која била во Косово пред една недела.

Таа додава дека за 5 евра може да си купиш модерно парче облека. Но, има и скапи бутици, во кои кога има попусти, може евтино да си купите брендирано парче облека.

На социјалните мрежи кружат најразлични коментари од типот до кое дереџе дојдовме кога дојде ред да се дотеруваме во Косово, дека е подобро да имаме каде да купиме поевтино, бидејќи кај нас претераа со цените.

– Кога дојдовме во состојба да се дотеруваме во Косово, значи децении се вративме наназад. Косовките се дотеруваат во Солун, а ние во Косово – коментира една Македонка на Фејсбук.

Граѓаните коментираат на социјалните мрежи дека повеќе од половина од онлајн продавниците ја набавуваат стоката од Косово и ја продаваат по двојно повисока цена.

– Си нарачав хеланки за вежбање од Косово по двојно пониска цена и многу сум задоволна и од квалитетот и од брзината на испораката – коментира една задоволна муштерика.

Има и такви што се задоволни од цената на гардеробата во Косово и велат дека би оделе повторно.

– За 20 евра купив неколку парчиња квалитетна облека за мене и за ќерка ми. Во Скопје, за тие пари ќе купев само едно парче облека – вели една скопјанка.

Од туристичките агенции велат дека на шопинг во Косово повеќе одат жените. Туристичките агенции организираат шопинг-тури во Приштина, Призрен, Урошевац… Освен што може да си купат гардероба, граѓаните може да испазарат поевтино и да ручаат за 5 евра. Освен во Косово, македонските граѓани одат на шопинг-тури и во Врање, Солун…

(А.С.)