Хрватскиот Сабор со мнозинство гласови го измени Законот за странци за подобро регулирање на правната рамка за странските работници и воведување ред во престојот и работата на странците во Хрватска.
Законот за странци ги опфаќа сите лица кои не се државјани на ЕУ, како и на Лихтенштајн, Норвешка, Исланд и Швајцарија, а имаат државјанство на трета земја или се лица без државјанство.
Целта е да се привлече висококвалификувана работна сила преку усогласување со Директивата за “сина карта на ЕУ“. Со измените на законот се продолжува важноста на „сината карта на ЕУ“ за привремен престој и работа во Хрватска од две на четири години.
Пропишано е оваа картичка да можат да ја добијат и лица кои немаат образовни квалификации, но имаат професионални вештини, исклучиво во ИТ секторот, со најмалку три години работно искуство. Се задржува условот дека носителот на „сината карта“ мора да добива една и пол просечна бруто плата во Хрватска месечно.
Законот воведува и построги правила за работодавачите кои вработуваат странски работници. Работодавачите се должни да дадат финансиска гаранција на државата во случај да се откажат од работник за кој добиле работна дозвола.
Постојат посебни правила за сместување на странски работници: ако работодавачот обезбедува сместување или посредува во обезбедувањето сместување за работникот, тој мора да обезбеди доказ дека сместувањето е соодветно.
Казните за правните лица кои вработуваат странци кои се илегално во Хрватска се движат од 5.000 до 20.000 евра, а за физичките лица од 2.000 до 6.000 евра.
Според измените, работните дозволи, за разлика од сегашниот едногодишен период, во иднина ќе се издаваат за период до три години, а дозволите за престој за сезонска работа ќе се издаваат за период до девет месеци наместо претходните шест месеци.
Законот предвидува дека странскиот работник не смее да има помала плата од онаа што ја добиваат вработените хрватски државјани на соодветни позиции.
Минатата година во Хрватска биле поднесени 286.000 барања за дозволи за престој и работа, а биле издадени 206.529 дозволи. Најмногу дозволи се издадени за работа во градежништвото, туризмот и угостителството, индустријата, транспортот и врските и трговијата.
Најголем број дозволи во 2024 година биле доделени на граѓаните на Босна и Херцеговина (38.100) и Непал (35.635), а потоа следуваат граѓаните на Србија (28.000), Индија (20.000), Филипините (14.600), Македонија (14.000), Бангладеш (13.600), Косово (8.000), Узбекинстан (7.000).