Се претпоставува дека во автобусот кој излетал од патот имало 58 лица. Поради невремето тешко се пристапи до хеликоптерот кој се грижеше за настраданите.
Најмалку три лица загинаа во сообраќајна несреќа во Норвешка, јавуваат државните медиуми. Несреќата се случила околу 13 часот и 30 минути по локално време во областа Хадсел на северозападниот брег на земјата, јавува Дневник.хр.
Автобусот излетал од патот и делумно завршил во езерото Асватнет, јавува јавната телевизија НРК.
Се претпоставува дека во моментот на несреќата во него имало 58 лица.
„Добро е што има ресурси за итни служби на лице место. Автобусот е делумно под вода. Досега се пријавени три смртни случаи, четири лица се тешко повредени. Во несреќата учествуваа вкупно 58 лица“, вели началникот на кабинетот во полициската област Нордланд, Бент Аре Ајлертсен.
#bussulykke Alle ute av bussen nå – fortsatt pågående rescue “antall skadde/omkomne kan endre seg ⬆️” pic.twitter.com/PEPBWDJ5du
— Mariam (@ScandinaviaWind) December 26, 2024
Три лица се пренесени со хеликоптер во болницата Стокмаркнес. Некои од патниците се евакуирани во училиште во близина на Сволвер. Имаше потешкотии при доаѓањето на хеликоптерот до местото на несреќата поради временските услови.
Досега во автобусот се пријавени осум различни националности. Список на патници нема, тоа е редовна линија од Нарвик до Лофотен. По несреќата се огласил алармот за катастрофа.
Норвешкиот Црвен крст објави на социјалните мрежи дека испраќа тимови да помогнат во „тешката автобуска несреќа“ на патот Е10.
Има извештаи за обилни снежни врнежи и силен ветер во областа.