„Нема утеха, само голема тага и ужас“ … Најдлабоко сочувство до сите кои ги изгубија своите најмили… се простуваат познатите личности од Македонија и регионот, од своите колеги со кои до вчера заедно настапувале и се дружеле, споделувале убави моменти и исти вредности |
Познати личности од час во час, постојано изразуваат искрени зборови на сочувство. Се простуваат од своите колеги со кои заедно настапувале и се дружеле.
Каролина Гочева, неутешна и скршена од болка, изрази најдлабоко сочувство до семејствата на трагично згаснатите млади животи…
– Толку прерано згаснати животи, таква неопислива болка за толку многу семејства, каква страшна трагедија! Нема утеха, само голема тага и ужас… Најдлабоко сочувство до сите кои ги изгубија своите најмили. А, ти Сарке моја, сестрице најмила, до последен момент не сакав да верувам, до последно се надевав дека е некаква грешка… толку спомени, пеења, радости, Евровизии, концерти, солзи, журки…толку години поминавме…ти и Ана сте толку голем дел од мојот живот… уште се надевам дека денешниов ден е само лош сон… многу ќе ми фалиш Сарке моја, напиша Гочева.
Елена Ристеска, исто така, со неверување ја примила веста за големата трагедија, па на својот инстаграм-профил го сподели шокот. -Ама зошто вака?!?! Зошто?? Не можам да престанам да плачам, нема никогаш да преболам! Нема… Солзиве не застануваат, никогаш нема да застанат. Не, не и не можам да престанам да плачам.
Пејачката Бојана Скендеровски, не може да се помири со трагедијата која однесе 59 млади животи… Трагедија, огромна болка, нема зборови ни за утеха…каков претежок ден, Господе…Ах бре деца…
И пејачката Марија Спасовска, која токму со ДНК беше дел од патриотската турнеја „Македонијо, во срце те носиме“, со симболично скршено срце сподели свое жалење за трагедијата во Кочани… Пејачката од Куманово Ивона Јо е скршена од болката. Го изрази своето сочувство:- Пејте ни од горе, ќе ве слушаме.
Лидерот на „Меморија“, музичар и актер, Петар Георгиевски-Камиказа симболично со насловот од една од најпознатите балади на бендот ја изрази својата тага за трагедијата во Кочани…
Калиопи напиша: „Потресена сум и во неверување… Искрено сочувство до семејствата на настраданите… Македонијо моја…
– Јас сум во шок и неверување! Каква трагедија, каква тага… Македонија плаче. Сочувство до семејствата на трагично загинатите.. Ова е болка за сите нас. Објави пејачката Антонија Гиговска.
Тамара Тодевска особено трогната и воедно неописливо бесна: – Не сакам да бирам зборови и сето ова да звучи „пристојно“ и „коректно“. Затоа што тука веќе одамна ништо не е пристојно, ништо не е на цена, а човечкиот живот најмалку. Со Андреј имам преубави моменти, заеднички настапи, концерти и дружби… А, Сара? Нема уметник во Македонија на кој му „нема чувано грб“, душа од човек и другарка. Фичо беше невиден талент… Ѓорѓи беше наш колега, чие време допрва доаѓаше…Оставете ја „шупата“ која изгоре. Нека сведочи за нашата мизерија, за колективната негрижа, корупција. Нас ни нема спас, очајна е Тамара.
Многумина се простуваат од Андреј, меѓу кои и познатата водителка Лила Стојановска-Филиповска:
– Куме мој! Навикната бев да ви ги споделувам новите песни и спотови на ДНК со години наназад. Никогаш не помислив дека сега ќе споделам ваква тажна, претажна вест. Кога неодамна ми ја пушти песната „Ако утре ме нема” ти реков дека многу ми се „свиѓа” без да помислам дека таа песна ти ја претскажа тажната судбина. Те нема веќе куме, ама само физички… во срцата на оние кои те сакаат ќе те има засекогаш. Летај куме, летај, летај со ангелите и чувај нè од горе, а ние вечно ќе те памтиме и ќе ни фалиш, потресно напиша Лила предизвикувајќи река од солзи.
И неутешната пејачка Андријана Јаневска вели дека не може да престане да плаче.
-Андреј, ние со тебе така не се договоривме, планиравме нова песна со ДНК… Најдлабоко сочувство до семејствата на сите жртви во оваа трагедија од невидени размери во која згаснаа животите на наши младинци….Турнеи, две имавме заедно, концерти, дружби со ДНК… не можам да прифатам и не можам!!! Филипе, како бре да прифатам дека те нема, може свиревме неколку пати, ама многу се почитувавме, златен човек беше… без зборови сум… исто и Александар. Звукот секогаш перфектен. Кога ќе те видев зад миксета раат бев, знаев дека ќе биде добар концерт, секогаш му викав на Здравко: – Жути, пушти ми го да озвучува! Фотографот Александар Ефремов ми ги сликаше последните концерти во Кочани. :((( Немам зборови, само солзи…..Мартин, Буцо, Ѓорги, Сара, сите златни деца, млади и полни со живот… боли и ми се кине душата од ова сè… не знам дали некогаш ќе закрепнеме од оваа болка по вас? Цела Македонија плаче и тагува. Примете сочувство сите што ги загубивте најблиските.
Црните вести за страшната трагедија во Кочани, во која загинаа најмалку 59 лица, ги потресоа и естрадни личности не само во Македонија, туку и од поранешните југословенски републики. Се огласи балканската ѕвезда Цеца Ражнатовиќ, со куса но, тажна порака: „Боже мили, зошто? Моја Македонијо, искрено сочувство“. Црногорскиот поп-пејач Владо Георгиев, исто така, го погоди оваа трагедија: „Да се молиме за жртвите. Господе Боже, можно ли е вакво нешто да се случи во 2025 година?“.
Српската естрадна ѕвезда Јелена Карлеуша исто така тагува:
– Момците од ДНК беа гости на мојот скопски концерт. Не ми се верува дека ова сега го пишувам. Најискрено сочувство на мојата братска Македонија. Универзумот нека им даде сила на семејствата на загинатите. Толку млади луѓе… Плачам додека ги читам вестите. Ужасна трагедија им се случи на нашите браќа во Македонија. Србија е со вас!
И поп-ѕвездата Јелена Томашевиќ, која само неколку дена пред оваа трагедија имаше успешен концерт во Скопје, изразува длабоко сочувство. Длабоко потресена Јелена не можеше да се воздржи:
– Тага до небо во мојата сакана Македонија. Почивајте во мир, добри души.