Екипата на Жалгирис е најпријатното изненадување во досегашниот дел од сезоната во Евролига, и по седум кола има биланс од шест победи и само еден пораз што го рангира литванскиот тим на првото место на табелата.
Последниот триумф го постигна против Монако во неизвесна завршница (63:62). Но, по тој меч не се зборува само за кошарка, туку за драматичната ситуација во која еден навивач се бореше за живот.
Лекарските тимови потрошија повеќе од 20 минути за реанимација на еден човек на трибините, а на капитенот на домашниот тим Едгарас Улановас не му беше јасно зошто мечот во тој момент не беше прекинат.
- Ги прашав луѓето од клупата што се случува и зошто играме. Ми рекоа дека некој се бори за живот на трибините. Не ми беше јасно зошто се игра натпреварот кога целосниот фокус беше на нешто многу посериозно од натпреварот, истакна Улановас.
Иако немаше прекина, литванските медиуми јавуваат дека мажот е во стабилна состојба и дека веднаш бил префрлен во болница.
Што се однесува до мечот, Жалгирис го предводеа Буткевичијус (13) и Смаилагиќ (10) до нова победа, а на другата страна се истакнаа Лојд (18) и Џејмс (12).