Сојузот на борци против менување имиња на улиците во Тетово

49

Општинската организација на Сојуз на борците од народноослободителната и антифашистичката војна и граѓаните продолжувачи од Тетово испрати отворено писмо до тетовскиот градоначалник, Билал Касами во кое бара да нема преименување на градските улици кои носат имиња од антифашистичкото минато на македонскиот народ и народности. Воедно, и од членовите на Советот се бара и се апелира да нема именување на улици и инфраструктурни објекти со имиња на личности, настани и датуми кои слават фашистичка, терористичка, милитаристичка или радикална личност, односно група.

-Ова писмо е јавен израз на најостра реакција, предупредување и споделување на длабока загриженост на државотворниот Сојуз на борците од народноослободителната и антифашистичката војна и граѓаните продолжувачи од Тетово, а поради повторните вознемирувачки најави на градоначалникот на општина Тетово, Билал Касами за промена на имињата на улиците во градот и определување на имиња на претходно неименувани улици на територијата на општината – се вели во писмото на тетовскиот Сојуз на борци.

Оттаму, го потсетуваат Касами дека по Устав, Закон и здрав разум, треба да биде градоначалник на сите граѓани кои живеат во општината.

-Прво, во вашиот речник не треба да постојат македонски, турски, ромски или албански партии, туку политички партии и чинители кои се повикани на соработка во демократски услови и амбиент на градење општествена кохезија помеѓу етникумите. Второ, дали отсуството на политичките субјекти во одреден процес Вам ви дава за право да бидете градоначалник само на Албанците кои живеат во Вашата општина? Зарем Вие јавно признавате дека живееме во племенска заедница и иако земате плата од сите граѓани Вие не се грижите за сите нас. Трето, спротивно на вашето правно непознавање, Законот за определување на имиња на улици, плоштади, мостови и на други инфраструктурни објекти во член 4, став. 2 експлицитно е пропишува дека Одлуката за определување на име на улица, плоштад, мост и на друг инфраструктурен објект на подрачјето на општината ја носи Советот со мнозинство гласови, при што мора да има мнозинство гласови од присутните членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинско население во општината – наведуваат од Сојузот на борци од Тетово.

Тие потсетуваат дека промената на имиња на улици, плоштади, мостови и други инфраструктурни објекти, не смее да се прави шест месеци пред одржувањето на редовни избори, како и делото од Законот каде се вели дека на листата на имиња, не смее да се најде име со кое се нарушува угледот на Република Македонија, се навредуваат чувства на граѓаните на Републиката и на граѓаните на други држави, како и се нарушуваат односите меѓу заедниците, обичаите и јавниот морал.

СДСМ денеска побара од премиерот Христијан Мицкоски јавно да го повика градоначалникот Касами да се повлече од овој предлог, а советниците на ВМРО-ДПМНЕ исто така да се спротивстават и да застанат против, со што оваа одлука нема да се донесе.

Воедно, СДСМ најави дека нивните советници ќе се спротивстават на предлогот за преименување на улиците во Тетово.

-На вредностите од НОБ и антифашизмот почива современата македонска држава. Какво било бришење на најсветлите страници на македонската историја значат удар врз темелот на којшто почива државата. Значењето на партизанската борба и нејзините идеали никој не смее да ги омаловажува, брише и пребришува – вели Андријана Томовска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.

ИЗДВОЕНИ