Бугарија одлучи да ги повлече парите што беа планирани за реконструкција на делот од пругата Софија – Ѓуешево. Министерот за транспорт, Александар Николоски, истакна дека со жалење ја примил информацијата, која е официјален документ од бугарската Влада со кој одлучиле да ги тргнат средствата што биле претходно предвидени за реконструкција на пругата.
– Остануваме силно посветени на изградбата на железничкиот Коридор 8. Во овој момент, активно се работи на втората секција, во должина од 34 километри, која оди од Бељаковце до градот Крива Паланка. Во јануари ја пуштивме првата секција од Куманово до Бељаковце и остануваме посветени на дијалогот со Бугарија со цел на изнаоѓање заеднички прифатливо техничко решение во однос на тунелот што треба да ги спојува двете држави, изградба на третата секција, затоа што сметаме дека Коридорот 8 е од исклучително значење не само за Македонија туку и за целиот регион и за цела Европа. Тоа е НАТО-коридор, втор по значење коридор за НАТО и нашата посветеност останува – изјави Николовски.
Тој потенцираше дека пругата е во очајна состојба и практично не може да се користи и да се изгради тунелот, спојка со Ѓуешево и да се направи реконструкција од Ѓуешево до Софија со цел да се спојат Скопје и Софија.
– Имајќи предвид дека донесоа одлука да ги пренасочат средствата за реконструкција на делот од Софија до Перник и од Перник до Радомир за пругата од Софија до Бургас, мислам дека јасно испраќаат политичка порака во однос на својата посветеност, односно на непосветеност на изградбата на железничкиот Коридор 8. Исто така, паѓа во вода целата пропаганда што беше водена во изминативе 7 месеци, против Владата, првенствено против премиерот Мицкоски и против мене, дека имаме нешто против Бугарија, дека не сакаме да се поврземе, дека сме биле некаква оска Атина – Скопје – Белград и слични глупости, кои беа дел од пропагандата. Но, на крајот, излезе вистината, ова било само залажување и оправдување пред јавноста и пред европските институции, а намерите биле сосема различни – појасни Николоски.
За танго се потребни двајца, изјави премиерот Христијан Мицкоски за односите со Бугарија и за одлуката на тамошната Влада да се прекине железничкото поврзување со Северна Македонија. Тој посочи дека треба да се почека, бидејќи сè уште не се знае дали ќе има договор или не.
– Наша задача е да работиме. Сега дали ќе има договор – за танго се потребни двајца. Треба да видиме како функционираат и од другата страна – рече премиерот.
За Коридорот 8 и за однесувањето на бугарската страна, тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ одамна „го комуницирала“ тоа со јавноста и дека сега дури и заклучоците на новинарите и на медиумите се дека попусто ќе се трошат парите.
На прашањето што ќе правиме со парите наменети за железницата, тој рече дека треба да се почека и оти не треба да се брза.
– Знаеме точно што правиме, нема да направиме ниту милиметар спротивно од интересот на граѓаните и на државата. Да бидете сигурни во тоа – уверува Мицкоски.