Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас во објава на Икс изрази „длабоко жалење“ поради трагедијата во Кочани.
– Длабока жалост за трагичниот пожар, кој однесе премногу млади животи во Кочани – наведе Калас во објавата. Таа изрази сочувство до „сите погодени од оваа трагедија“, а на повредените им посака брзо закрепнување.
– ЕУ ја споделува тагата и болката на народот во Северна Македонија – додаде Калас.
Претходно, „длабока тага“ поради трагедијата во Кочани и сочувство за жртвите изрази и еврокомесарката за проширување Марта Кос.
– Длабоко натажени од трагичниот пожар во Кочани, Северна Македонија, кој однесе животи на премногу млади луѓе – наведе Кос во објава на Икс.
Изразувајќи сочувство за загинатите, Кос наведува дека нејзините мисли се „со жртвите, нивните најблиски и целата заедница за време на оваа страшна трагедија!“.
Длабоко сум тажен од трагичниот пожар во ноќниот клуб во Кочани, Македонија, напиша на Х директорот на Светската здравствена организација за Европа Ханс Клуге.
– Длабоко сочувство до семејствата кои ги загубија најблиските и повредените. Длабока благодарност до оние кои први реагираа, медицинските тимови и спасувачите кои дејствуваа брзо и неуморно за да спасат животи и да пружат нега во такви тешки околности, напиша Клуге.
Тој истакна дека во овој потресен момент, СЗО Европа и СЗО Македонија стојат со посветените здравствени работници во Македонија, подготвени да обезбедат итна медицинска и ментална здравствена поддршка.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изрази сочувство до претседателката Гордана Силјановска-Давкова за трагичниот пожар во дискотеката во Кочани.
„На претседателката Гордана Силјановска-Давкова и изразив искрено сочувство по повод страшната трагедија во Северна Македонија, која длабоко ги погоди не само луѓето во таа земја, туку и сите нас во Србија кои сочувствуваме со семејствата на жртвите и со целиот народ на оваа братска земја“, напиша Вучиќ на Инстаграм.„Понудив, во име на Србија, а претседателката на Северна Македонија прифати, да испратиме хеликоптери и други медицински транспортни средства, медицински тимови, како и да примиме во болниците во Србија голем број од повредените во трагедијата во Кочани“, додаде тој.
На крајот од објавата на Инстаграм српскиот претседател наведе Србија ќе го прогласи 18 март за Ден на жалост за трагедијата и изразив уверување дека народот на братска Северна Македонија, со силата и солидарноста што секогаш ја покажувал, ќе успее да ја надмине оваа голема трагедија и да најде начин да закрепне“.
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изрази сочувство за големата трагедија во Македонија и изрази подготвеност да пружи секаква неопходна помош.
– Со длабоко чувство на тага им го пренесувам моето сочувство на браќата и сестрите од Македонија за големата трагедија во Кочани. Кога ја дознав веста останав без зборови и се молам повредените да закрепнат а семејствата на жртвите да најдат сила да се справат со нивната неутешна загуба. Исто така, во име на Албанија и Албанците го пренесувам моето сочувство до премиерот Мицковски и властите на соседната земја, изразувајќи ја нашата подготвеност за каква било помош што е потребна, напиша Рама на Х.