Се враќа обврската на Собранието за објавување на Програма за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2025 година на Р Македонија. Ова вчера го објави Велика Стојковска-Серафимовска, пратеник од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“.
„Оваа Програма со која се утврдуваат значајните настани и истакнати личности кои ќе се одбележат во 2025, ја изготви работното тело кое произлезе од собраниската Комисија за култура и туризам, а во кое членуваа претставници од скоро сите политички партии во македонското собрание. Комисијата оствари контакт со националните институти, државни универзитети, национални установи, центри за култура, заводи за заштита и музеи, библиотеки и останати здруженија, сојузи и невладини организации во државата од областа на културата. Исто така, беа испратени дописи и до сите општини, вклучувајќи го и Град Скопје како посебна единица на локалната самоуправа“, посочи таа.
Стојковска-Серафимовска истакна дека оваа Програма е составена од 103 јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности кои го одразуваат мултиетничкиот карактер на Републиката, и кои се вградени во историскиот развој на земјата и со своето дело ги афирмирале начелата на хуманизмот и општо цивилизациските вредности.
„Преку програмата во единствениот официјален државен гласник ‘Службен весник’, идните генерации ќе можат да го следат општествениот и историски процес на создавањето и градењето на македонската држава“, рече пратеничката.