Собрани 9 тона кабаст отпад, бесплатната акција продолжува и во септември

59

Над 100 кубни метри или околу девет тона кабаст отпад се собрани досега во бесплатната акција што Општина Аеродром ја започна минатиот месец, а ќе трае и во текот на август и септември на 40 пунктови на ниво на целата територија.

Акцијата што се спроведува во соработка со ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром, досега се реализира во населбите Мичурин, Острово и 13 Ноември, при што наиде на голем интерес кај аеродромци.

Денеска и утре  садовите за собирање кабаст отпад се поставени на големиот паркинг кај пензионерскиот дом „Аеродром“ и на улица „Коста Новаковиќ“,  број 42, кај контејнерите. На 8. и 9. август (четврток и петок), кабаст отпад ќе се собира на големиот паркинг кај градинката „Калинка“ и на улица „Милан Зечар“ кај воените кули. Од 10. до 12. август (сабота, недела и понеделник) ќе бидат опфатени зградите на улицата „1.615“ во близина на кулите Џевахир и кај „Меѓаши“ зад пунктот на ЈП „Паркови и зеленило“.

Паралелно со акцијата за собирање кабаст отпад, ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром неодамна спроведе и реорганизација на начинот на чистење, при што темелно се метат и мијат јавните површини, се косат тревниците и се кастрат гранките од дрвјата.

Од Општина Аеродром повикуваат на совесно однесување, а доколку се забележи дека граѓани фрлаат кабаст и друг вид отпад на локации што не се наменети за тоа, ќе се применуваат најстроги казни.

-Со несовесното третирање на животната средина се создаваат лоши слики за општината и се нарушува квалитетот на животот на аеродромци – нагласуваат од локалната самоуправа.