Москва го собори температурниот рекорд за 27 јануари, поставен во 1914 година, откако денеска во 6 часот наутро метеоролошка станица во руската престолнина измери 3,5 степени Целзиусови над нулата, изјави Евгениј Тишковец, шеф на метеоролошкиот центар Фобос.
„Во главниот град на Русија, во историјата на редовните метеоролошки мерења, и покрај дождот, по 111 години е поставен нов температурен рекорд на референтната московска метеоролошка станица VDNKh. Во 06:00 часот е измерена температура од плус 3,5 степени Целзиусови. Претходниот температурен максимум од 1914 година беше плус 3 степени Целзиусови“, рече Тишковец, пренесе РИА Новости.
Тој додаде дека температурата ќе продолжи да расте и до крајот на денот ќе достигне максимални плус 4-6 Целзиусови степени.
„Последната недела од јануари во руската престолнина започна со априлското време, а невообичаено топол понеделник го означи почетокот на серијата дневни температурни рекорди“, изјави шефот на метеоролошкиот центар Фобос.