Од „Реди рециклажа“ информираа дека ја прекинуваат бесплатната услуга за примарна селекција на отпадот во Карпош и во Центар, затоа што од Општина Карпош им побарале да го ослободат просторот во новата општинска зграда што привремено го користеа. – Во понеделникот ја напуштивме просторијата во Општина Карпош. Моравме да ги повлечеме и кантите поставени по зградите за селектирање, па луѓето почнаа да прашуваат зошто нè нема. Ние сме социјално претпријатие, немаме профит и сопствени средства за да можеме да плаќаме за простор. Се обидуваме да најдеме решение, иако многу ни е тешко – изјави Дина Арнаут, извршна директорка на „Реди рециклажа“.
Од Општина Карпош објаснуваат дека било информирано претпријатието оти ќе треба да ја напушти оваа локација поради неопходната потреба да се ослободи простор за завршните градежни активности во зградата. Во меѓувреме, продолжуваат активностите на „Реди рециклажа“ во општините Кисела Вода и Аеродром
„Реди рециклажа“, првото и единствено социјално претпријатие со лиценца за управување со неопасен отпад во Македонија, поради административни околности, е принудено да ги прекине своите оперативни активности во општините Карпош и Центар. Од Општина Карпош било побарано ослободување на просторот што привремено го користеше „Реди рециклажа“, согласно со меморандумот за соработка.
– Поради недостиг на соодветен временски период за пронаоѓање алтернативна локација, принудени сме да ја суспендираме нашата бесплатна услуга за примарна селекција на отпадот во овие општини. Во понеделникот ја напуштивме просторијата во Општина Карпош. Моравме да ги повлечеме и кантите поставени по зградите за селектирање, па луѓето почнаа да прашуваат зошто нè нема. Ние сме социјално претпријатие, немаме профит и сопствени средства за да можеме да плаќаме за простор. Сепак, се обидуваме да најдеме решение, иако многу ни е тешко – изјави Дина Арнаут, извршна директорка на „Реди рециклажа“.
Таа се надева дека ќе се најде некоја од општините како што се Центар или Кисела Вода, на чија територија сè уште работат, да им помогнат или, пак, некоја општествено одговорна компанија. Во спротивно, вели дека ќе треба да отпуштат еден вработен, што најмалку го сакаат.
– Токму кога се зголеми свеста за селектирањето на отпад кај луѓето, со ваквиот прекин се губи сето она што го градевме со години. Ние доаѓавме до граѓаните, тие не доаѓаа кај нас, со цел да воспоставиме правилна селекција на отпадот – истакна Арнаут.
Од Општина Карпош објаснуваат дека на „Реди рециклажа“ досега ѝ бил отстапен простор во новата општинска зграда, која е во завршна фаза на изградба.
– Неколку месеци претходно, и самото претпријатие беше информирано од Општина Карпош дека ќе треба да ја напушти оваа локација, поради неопходната потреба да се ослободи простор за завршните градежни активности во зградата. Според планираната динамика на активностите, се очекува зградата да биде завршена до јуни за да може да се пресели целата општинска администрација – нагласуваат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека во моментот немаат на располагање друга локација што би била погодна за потребите на „Реди рециклажа“.
Во меѓувреме, продолжуваат активностите на „Реди рециклажа“ во општините Кисела Вода и Аеродром, каде што остануваат посветени на создавањето инклузивни и еколошки одржливи решенија за управување со отпадот.
Од 2021 година, „Реди рециклажа“ им овозможува на граѓаните на Карпош и на Центар примарна селекција на пластиката, хартијата и на електронскиот отпад, директно во нивните згради, домаќинства и деловни простории.
– Над 20.000 граѓани секојдневно придонесуваа за почиста и поодржлива животна средина, преку нашите услуги. Свесни сме за влијанието на овој прекин врз граѓаните – нагласуваат од претпријатието.
„Реди рециклажа“ е социјално претпријатие посветено на формализирањето на неформалните собирачи на отпад, кои најчесто доаѓаат од Ромската заедница, обезбедувајќи им пристојни работни услови и интегрирајќи ги во формалниот систем за управување со отпадот.
Исто така, ова социјално претпријатие придонесува и за почиста животна средина, преку рационално користење на секундарните суровини.
(А. П.)