Советниците од „Шанса за Центар“, на наредната седница на Советот на Општина Центар, ќе поднесат предлог-одлука за спроведување постапка за воспоставување зони на смирен сообраќај во повеќе градски квартови во Општина Центар.
– Со ова, ќе се придонесе кон општото зголемување на безбедноста во сообраќајот, но најмногу за подобрување на безбедноста на најранливите групи, пешаците, меѓу кои особено движењето на децата, постарите лица, лицата со тешкотии во движењето и другите немоторизирани учесници во сообраќајот – наведуваат советниците од „Шанса за Центар“ во образложението за предлог-одлуката. Во однос на спроведувањето ваква предлог-одлука, од Општина Центар велат дека е потребно прво да се добие согласност од МВР за утврдување зони на смирен сообраќај, а потоа да бидат реализирани тие
Советниците од „Шанса за Центар“, на наредната седница на Советот на Општина Центар, ќе поднесат предлог-одлука за спроведување постапка за воспоставување зони на смирен сообраќај во повеќе градски квартови во Општина Центар.
Во зоните на смирен сообраќај, брзините на возење ќе бидат ограничени на 30 километри на час, а според предлогот на „Шанса за Центар“, тоа ќе бидат: градски кварт Капиштец, Завод за медицинска рехабилитација, Старо Водно, Долно Водно, Мало Курило и Цвеќара; градски кварт Крњево; градски кварт Маџир Маало; градски кварт Клинички центар и Геолошки завод; градски кварт Пролет; градски кварт Мирче Мацан; градски кварт амбуланта „Пролет“; градски кварт Судска палата; градски кварт Буњаковец; градски кварт Парк 1 и дел од Дебар Маало 2; градски кварт Ново Маало; градски кварт Тасино Чешмиче.
Според образложението за оваа предлог-одлука, воспоставувањето зони на смирен сообраќај има цел да се обезбеди локалните улици во Општина Центар да станат побезбедни, помалку бучни и да се придонесе за подобар квалитет на животот во сите градски квартови.
– Одлуката ја предлагаме како продолжение на примерот на постојната зона на смирен сообраќај во Дебар Маало. Проширување во другите градски квартови, освен што ќе овозможи ограничување на брзината на возење на 30 километри на час, ќе овозможи и поставување инфраструктурни елементи за смирување на сообраќајот, како издигнатини, вибрациски ленти, огради и подобрена патна сигнализација. Со ова, ќе се придонесе кон општото зголемување на безбедноста во сообраќајот, но најмногу кон подобрување на безбедноста на најранливите групи, пешаците, меѓу кои особено движењето на децата, постарите лица, лицата со тешкотии во движењето и другите немоторизирани учесници во сообраќајот – наведуваат советниците од „Шанса за Центар“ во образложението за предлог-одлуката.
Тие додаваат дека според наведените закони и Правилник, секоја локална самоуправа мора да дејствува за намалување на бројот на сообраќајни инциденти, намалување на бројот на повредени и жртви во сообраќајот.
– Со одлуката, ќе се создадат услови и за исполнување на член 348 од Законот за безбедност во сообраќајот „определување и утврдување на сигурни правци наменети за движење на децата, преземање посебни технички мерки за безбедност на пешаците и возачите на велосипед во близина на образовни, здравствени и други институции, игралишта, киносали и слично“. Одлуката ќе овозможи преиспитување на сообраќајните и други решенија во корист на поранливите учесници во сообраќајот, ослободување на тротоарите од нелегалната узурпација, како и олеснување на спроведувањето на претходни одлуки на Советот за ограничување на периодите за дотур на стока од 2018 година – децидни се советниците од „Шанса за Центар“.
Според нив, зоните на смирен сообраќај ќе придонесат за системско подобрување на безбедноста во сообраќајот, согласно со барањата на граѓаните и на граѓанските иницијативи, по последните трагични сообраќајни инциденти во кои наши сограѓани го загубија животот.
– Оваа одлука ја предлагаме и како чекор што може да го преземе Општината во насока на постигнување „визија нула“, односно нула жртви во сообраќајот. Одлуката за прогласување зони на смирен сообраќај во реоните каде што постои мешање на моторизираниот сообраќај со ранливите групи учесници во сообраќајот е на линија на Стокхолмската декларација на Обединетите нации, ООН, која повикува на ограничување на брзината на возење во вакви подрачја на 30 километри на час, како една од мерките за постигнување на глобалната цел за намалување на жртвите во сообраќајот за 50 % до 2030 година, на што се обврзала и нашата земја – децидни се од „Шанса за Центар“.
Оттаму информираат дека штетата што ја трпи нашето општество како резултат на сообраќајните незгоди е над 120 загубени животи, над 900 тешко повредени и економски последици од над 300 милиони евра годишно, според методологијата на Светска банка. Воедно, зоните на смирен сообраќај се начин на кој Општина Центар дава свој придонес кон намалувањеро на овие големи загуби.
Од Општина Центар велат дека предлог-одлуката од „Шанса за Центар“ за воспоставување зони на смирен сообраќај веќе е пристигната.
– Општина Центар е една од првите општини што веќе имаат започнато процедури за зголемување на безбедноста во сообраќајот и има доставено предлози во рамките на ова прашање, на иницијатива од градоначалникот Горан Герасимовски. На 44. седница на Советот на Општина Центар, одржана на 31.1.2025 година, донесен е заклучок да се достави иницијативата до МВР и до надлежните органи, која е во фаза на реализација – потенцираат од локалната самоуправа.
Во однос на спроведувањето на ваквата предлог-одлука, оттаму велат дека е потребно прво да се добие согласност од МВР за утврдување на зоните на смирен сообраќај и потоа да бидат реализирани тие.
– Во моментот на добивање на согласноста за реализација на овие проекти, Општина Центар ќе започне и со нивно спроведување. Со оглед на тоа што на централно ниво веќе се преземени чекори и се предвидени заклучоци за реализација на зголемувањето на безбедноста во Општина Центар, локалната самоуправа, како еден од иницијаторите, активно учествува и ги презема сите активности за реализација на тоа – децидни се општинските власти.
Инаку, зоната 30 во Дебар Маало беше воведена во 2015 година, во времето кога Андреј Жерновски беше градоначалник на Општина Центар. Ограничувањето на брзината на движење на возилата го опфаќа делот на Општина Центар, ограничен со булеварот „Партизански одреди“, улицата „Франклин Рузвелт“, булеварот „Илинден“ и булеварот „Свети Климент Охридски“.
(А.П.)