Општина Прилеп продолжува со интензивна работа за унапредување на инфраструктурата и за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните. Градоначалникот Борче Јовчески информираше дека во рамките на јавниот повик, објавен од Министерството за локална самоуправа, се поднесени 11 значајни проекти, кои ќе бидат финансирани со поддршка на Владата.
– Станува збор за проекти од витално значење за сите граѓани, а нивната реализација ќе значи поквалитетен живот, подобра инфраструктура и современи урбани решенија – напомена Јовчески.
Со проектите се опфатени: реконструкција на дел од плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ (пред хотелот „Скопје“) и поставување урбана опрема; изградба на мост на улицата „Победа“ над реката Оревоечка; реконструкција на улицата „Орде Чопела“ – влез на градот од Македонски Брод; комплетна реконструкција, вклучително со електротехника, на улицата „Трајко Николоски“; изградба на ново детско игралиште во центарот на градот (зад Участакот); изградба на ново детско игралиште на улицата „Борка Талески“ во населбата Типски; изградба на водоснабдителен систем во селото Лениште; реконструкција на главниот потисен цевковод за водоснабдување на индустриската зона и на комплексот на манастирот „Свети Димитрија“ во селото Селце; изградба на фотонапонска централа што се поставува на објекти (на пречистителната станица); интеграција на дистрибуираните локации од водоснабдителниот систем на Град Прилеп во постојниот SCADA-систем и интеграција со ГИС-системот; проект за промена на водоводната мрежа од јазолот на булеварот „Гоце Делчев“ со улицата „Кузман Јосифоски“ (број 1-55) до јазолот на улицата „Кузман Јосифоски“ со улицата „Ленин“ (број 1-72) – фаза хидротехника.
Јовчески додаде дека во завршна фаза е и подготовката за уште еден капитален проект, а тоа е обиколницата Исток (од Сивец до А1), кој е во постапка за добивање одобрение за градба.
– Изминатиот период, тимот на Општина Прилеп работеше со максимална посветеност на подготовка и апликација на овие проекти, со цел да реализираме што повеќе значајни инфраструктурни зафати и да ги решиме приоритетните прашања од интерес за граѓаните – заклучи Јовчески.