Балетот „Велеградски варијации“, на композиторот Љубомир Бранѓолица, за првпат поставен во 1959 години, се реобнови по шеесет и шест години и се изведе деновиве на сцената на НОБ и во чест на јубилеите – 90 години од раѓањето на балерината Емилија Џипунова и 80 години од раѓањето на танчарот и прв директор на Балетот на Македонскиот народен театар, Антон Баталаков. – За да не ги изгубиме мораме да создаваме меморија за изведбите, но и за значајни личности кои оставиле силен белег во танцовата култура, какви што се Емилија Џипунова и Антон Баталаков, изјави професорката Соња Здравкова-Џепароска за концертот што е случи во организација на Факултетот за музичка уметност

На малата сцена на Националната опера и балет, на 17 февруари, се одржа концертот „T-ripple Tribute“ (Ти-рипл трибјут) во организација на Катедрата за балетска педагогија на Факултетот за музичка уметност. Овој концерт, кој традиционално се одржува во период јануари – февруари, секоја година се посветува на значајни личности од македонската култура.

Годинава со концертот се одбележаа јубилеите – 90 години од раѓањето на балерината, балетски критичар и автор на неколку книги, Емилија Џипунова и 80 години од раѓањето на танчарот, долгогодишен репетитор и прв директор на Балетот на Македонскиот народен театар, Антон Баталаков (1945-2021).

Како што истакна за ова чествување професорката од ФМУ, Соња Здравкова-Џепароска: „изведувачките уметности се ефемерни, започнуваат со зачекорувањето на сцената и завршуваат со аплаузот на крај од претставата“.

– За да не ги изгубиме мораме да создаваме меморија за изведбите, но и за значајни личности кои оставиле силен белег во танцовата култура, какви што се Емилија Џипунова и Антон Баталаков, додаде таа.

Концертот беше навраќање кон делото на композиторот Љубомир Бранѓолица преку неговите „Велеградски варијации“, балет поставен 1959 години и реобновен шеесет и шест години подоцна. Новата кореографија вклучи делови кои се зачувани од оригиналната поставка на Олга Милосавлева. На оваа верзија како тим  работеа Александра Мијалкова, Соња Здравквоа-Џепароска, Елизабет Колевска, Сања Шутевска, Дарија Џепароска, студентите од катедрата за балетска педагогија на ФМУ, учениците од основното и средното училиште ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ балетски оддел, студенти по актерска игра од Еуропа Прима и балетското студио „Аврора“.

-На овој начин се продемонстрира континуитетот кој го следи балетскиот развој преку танцот на најмалите до младите професионални балетски кадри. Драматургијата беше креирана наменски за овој настан и таа ја обработува темата на љубовта прикажана преку серија епизоди кои опфаќаат различни драмски ситуации и ликови лоцирани во урбана градска средина, односно во еден парк. Гледалиштето на малата сцена на НОБ беше претесно за сите кои дојдоа на премиерата што укажува на потребата од нејзино повторување, истакна Здравкова-Џепароска.

Овој настан е во соработка и со поддршка на Националната опера и балет. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ