Како и секогаш искрен, отворен и пријателски расположен, комуникативен и уникативен. Тоа е нашиот омилен музичар Блаж Баже Маротов, заедно со својата скромна и исто така музикална сопруга, би кажале поубавата половина, Јуле Маротова. И кога најмалку се надеваш, тие знаат да изненадат, да ве остават без здив. Впрочем, и како некогаш со сјајните настапи во балканското шоу „Никад није касно“. Овој пат изненадувањето доаѓа со најновата песна “Доказ“ која маестрално до нашите срца ја донесува Баже. Во рефренот кој никого не остава рамнодушен, тој преку стиховите порачува: „Дај сите ѕвезди ноќва нека светат, ќе ти симнам една на уво да ти шепне, како доказ, љубов си ми ти… ми остана љубовта како доказ, да ни чува стари спомени….“
А, спомените и сеќавањата на многубројни настапи и промоции кои ги имаат низ текот на кариерата направено Јуле и Баже, не се заборават. За дел од нив раскажа и промотерката на промоцијата (ноќ спроти Водици, во новиот лаунџ-бар „Солис” во Скопје), познатата новинарка Валентина Ѓоргиевска-Парго. Таа на кусо се осврна на музичката кариера на Маротови.
– Тој е еден од оние кои работаат и турбо и лезетски, што значи секогаш по своја мерка, без никакво брзање и форсирање на нештата. И со посебен сенс. И, иако е маестрален како автор, изведувач, инструменталист, аранжер, професор, неговата силна страна е што умее да препознае убава песна и штом му се нуди од други автори прифаќа и ја снима. Таква е оваа, „Доказ”, на авторот Златко Бошковски, со кого му е дури трета соработка, и на текстописецот, новинарот Зоран Гега Маџоски, и двајцата од Гостивар, изјави Парго.
Пред присутните новинари, пријатели, колеги и соработници, синот Бојан, снаата Лена и внуците Луна, Лео и Габриел, Маротов ни ги раскажа интересните случки од реализирање на спотот за песната „Доказ“:
– Овој спот го снимавме на неколку локации во Скопје. Првото снимање имаше технички проблеми па, избришавме сè и го повторивме одново. Тоа беа дополнителни уште два дена, кои потоа беа целосно успешни. „Гости“ во видеото се моите пријатели Војче Петрушев на хармоника и Дамјан Марковски на гитара. На двајцата им благодарам за сесрдната помош и креација. Видеото го работеше мојот син Гоце, во соработка со “Gousses production“.
Баже за читателите на весникот ВЕЧЕР/portalot vecer.press вели дека според него, промоцијата одлично помина. – Имавме полна сала гости, дел од нив за промоцијата и голем дел гости што беа во барот, сакајќи да уживаат во нашиот настап по официјалниот дел. Така и беше. Со Јуле пеевме и стари и нови хитови, не се штедевме и имавме одлична атмосфера, сè до еден по полноќ. Д.М.