Фестивалот ќе биде отворен со читање на домашната порака по повод Меѓународниот ден на танцот од Адријана Данчевска Ровчанин. Традиционално ќе биде доделена и наградата „Менада“, годинава на Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера. Отворањето ќе биде збогатено и со краток перформанс на Танцова компанија од Санта Барбара, Калифорнија

Танц фест Скопје 2025, фестивал што продолжува да ја слави уметноста на танцот и да ги обединува врвните уметници од целиот свет, со своето 21. издание ќе започне на 29 Април, Меѓународниот ден на танцот, со богата програма која ќе се одржи на сцената на Македонскиот народен театар со почеток во 20 часот.

Фестивалот ќе биде отворен со читање на домашната порака по повод Меѓународниот ден на танцот од Адријана Данчевска Ровчанин, која беше избрана за овогодишна авторка на пораката од Танцовиот одбор на ИТИ Македонија. Традиционално ќе биде доделена и наградата „Менада“, годинава на Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера.

„Отворањето ќе биде збогатено и со краток перформанс на Танцова компанија од Калифорнија, Санта Барбара, кој е вовед во целосната изведба на нивната продукција “Рефракции – гласови на светлината и темнината” која ќе ја видиме на 30 април во Младинскиот културен центар. Кулминација на вечерта ќе биде светската премиера на „Идентитети – будење“, третото и последно дело од трилогијата „Идентитети“, со што ќе се одбележи 45-годишниот јубилеј на уметничката кариера и творештво на Рисима Рисимкин“, велат од Танц фест Скопје.

Во февруари 2025 година, Рисимкин беше одликувана со престижното француско признание Витез од Редот на уметностите и книжевноста на Франција за нејзиниот значаен придонес во развојот на современиот танц и културата.

Во фокусот на програмата која ќе се одржува од 29 април до 13 мај се „Танц и Технологија“ – повеќедневна интерактивна поставка во Чифте Амам. Оваа година, Танц фест Скопје го става фокусот на врската помеѓу танцот и технологијата преку повеќедневна интерактивна поставка во Националната галерија Чифте Амам – Скопје. Во рамки на оваа програма, ќе бидат претставени и три проекти:

„Ringside“ – кој користи технологија на виртуелна реалност за снимање и прикажување на изведбите на групи гледачи во опуштена, поинтимна атмосфера преку наочари за виртуелна реалност. Со овој проект, секој гледач секогаш има најдобро место во салата и може целосно да ја доживее изведбата, седејќи речиси на дофат до изведувачите. Вториот проект е „Stage360“ – нова форма на сценска изведба, виртуелно доживување на претстави преку ВР очила, снимени со 360° камера поставена во самото срце на сцената. Проектот создава нов начин на гледање и приближување на современите сценски практики до нова публика. Ова е иновативно и интерактивно уметничко искуство што гради мост помеѓу минатото и иднината на сценската уметност.

Третиот проект насловен „LuminAI: танц и вештачка интелигенција“ е интерактивна уметничка инсталација на д-р Милка Трајкова од Институтот за технологија Џорџија, САД. Ова е иновативен проект, кој овозможува интерактивна импровизација меѓу човекот и вештачката интелигенција преку танц. Учесникот танцува пред екран, додека виртуелниот партнер – воден од АИ ги следи, анализира и им одговара на движењата со свои импровизирани гестови. Проектот ја истражува креативната соработка меѓу телото и алгоритамот, отворајќи нови можности за уметничка експресија и перформанс во дигиталната ера.

Во рамките на 21. издание на Танц фест Скопје издвоен е и простор за младите и домашните уметници.

Како и секоја година, програмата на Танц фест Скопје дава особен фокус на домашните и младите уметници, кои оваа година ќе ги претстават соработките со Скопје Танцовиот Театар: „Вортекс – Одисеја“ и “Мокументари” на Адријана Данчевска Ровчанин; „Exo на Баронот“ на Дејан Битровски; како и соработката со кореографката Џилда Цесарио од Италија, “Несовршен Превод”.

Фестивалот ќе биде затворен на 13 мај со извонредната интерактивна кореографска претстава „Myselves“ на K-Dance, пионери во спојувањето на современ танц и дигитална уметност. Оваа уникатна изведба ја истражува врската помеѓу танчерот и неговите повеќе „јас“, инкорпорирајќи автономни и непредвидливи визуелни и звучни ефекти, кои ги пресликуваат емотивните и психолошките состојби на танчерот преку сензори за движење и оптичка анализа. Поддржан од Интерарт и Францускиот институт во Скопје, овој настан носи уникатно уметничко искуство кое ги брише границите меѓу телото, технологијата и емоцијата.

ИЗДВОЕНИ