Со филмот „Светлината“ (The Light) на германскиот режисер Том Тајквер утревечер започнува 75. Меѓународен филмски фестивал во Берлин. Филмот, кој ќе се прикаже надвор од натпреварувачката конкуренција, говори за едно семејство што се соочува со колапс додека се занимава со модерни прашања, барајќи нови почетоци во проблематичниот свет.

„Светлината“

На свеченото отворање во Берлинале Паласт, на 13 февруари, на шкотската актерка Тилда Свинтон ќе ѝ биде врачена наградата почесна „Златна мечка“ за животно дело.

Американскиот режисер Тод Хејнс ќе претседава со годинашното интернационално жири, а фестивалот ќе го одбележи првото издание со директорка Триша Татл, која доаѓа на местото на Карло Чатријан и на Мариета Рисенбек.

На Берлиналето, кое ќе трае до 23 февруари, за главната награда „Златна мечка“ за најдобар филм се натпреваруваат 19 остварувања од целиот свет.

Тимоти Шаламе, Роберт Патинсон, Џесика Честејн, Џејкоб Елорди, Бенедикт Камбербач, Едвард Бергер, Тони Колет, Марион Котијар, Итан Хок и бројни други филмски ѕвезди и режисери се најавени дека ќе присуствуваат на 75. издание на Берлиналето.

ИЗДВОЕНИ