Со швајцарски пари ќе ги заштитуваме подземните води 

29

Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски и директорот на УХМР, Игор Лазаровски со швајцарската амбасадорка Вероник Улман потпишаа Меморандум за разбирање преку кој се договори взаемна соработка на проектот „Програмата за управување, користење и заштита на подземните води на Република Македонија“.

Оваа Програма се воспоставува за долгорочна трансформација на управувањето на водните ресурси, преку градење на капацитетите на сите вклучени страни, обезбедување на неопходен механизам за соработка и подобрување на законодавството и рамката за планирање.

Водните ресурси, а особено подземните води во Република Македонија се стратешки природен ресурс, но нивниот потенцијал не е доволно истражен, користен, следен, евидентиран, заштитен или управуван. Неоходно е зајакнување на капацитетите на одговорните институции доуредување на правната и доусогласување со правото на ЕУ. Дополнително, ниската свест за статусот на површинските и подземните води се рефлектира со низок јавен притисок и слаба мобилизација на јавноста и граѓанското општество за прашањата за управување со водните ресурси.

Програмата до крајот на 2027 година очекува: да ги зајакне капацитетите на клучните институции и засегнати страни за интегрирано и одржливо управување со водните ресурси, да ја усогласи и консолидира правната рамка, да го изработи нацрт-планот за управување со речниот слив на Вардар и да спроведе пилот проекти со земјоделците, јавните комунални претпријатија, приватниот сектор и општините.

Главен корисник и носител на програмата е Министерството за животна средина и просторно планирање (вклучено во сите три компоненти), а во програмата (во две компоненти) вклучено е и Министерството за земјоделство, и Управата за хидрометеоролошки работи.

Програмата е финансиски поддржана од страна на Швајцарската агенција за развој и соработка во вкупен износ од 4.600.000 швајцарски франци до 2027 година, а Владата на Република Македонија обезбедува домашно учество преку двете министерства и тоа од МЖСПП 300.000 швајцарски франци (во три години) и од Министерството за земјоделство 200.000 франци (во две години).

Програмата е конципирана во 2 фази и тоа: фаза 1, од јануари 2024 – декември 2027 година и се планира да продолжи со фаза 2, од 2028-2031 година.

ИЗДВОЕНИ