Подобрувањето на инфраструктурата за заштита од поплави со уредување на речното корито во Боговиње, изградбата и чистењето на канализацијата во Тетово и во Гостивар, чистењето и стабилизацијата на речното корито на Вардар во Гостивар и во Јегуновце се само дел од значајните инвестиции на проектот за подобрување на отпорноста кон поплавите во Полог. Во рамките на проектот беа стабилизирани и седум критични свлечишта, а беа пошумени и 42 хектари во Националниот парк „Шар Планина“

Во изминатите седум години, Владата на Швајцарија даде 12 милиони швајцарски франци за проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот Регион“. Беа изградени координативните елементи за заштита и превенција од поплави, беа изградени капацитетите на локалните и на националните институции, се зголеми свеста кај граѓаните и клучните инфраструктури за да се заштитат заедниците и за да се намалат опасностите во случај на поплава. Ова го истакна амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Вероник Улман, на завршниот настан од реализацијата на овој многу важен проект за Полошкиот Регион.

– Да се фокусираме на заштитата е многу поефикасно и помалку болно отколку да се соочиме со болните последици – изјави Улман.

Подобрувањето на инфраструктурата за заштита од поплави со уредување на речното корито во Боговиње, изградбата и чистењето на канализацијата во Тетово и во Гостивар, чистењето и стабилизацијата на речното корито на Вардар во Гостивар и во Јегуновце се само дел од значајните инвестиции на проектот за подобрување на отпорноста кон поплавите во Полог. Во рамките на проектот беа стабилизирани и седум критични свлечишта, а беа пошумени и 42 хектари во Националниот парк „Шар Планина“.

– Подобрувањето на отпорноста на поплави во Полошкиот Регион е многу важно прашање за зачувување на безбедноста, животната средина и за одржливиот развој на овој регион. Министерството за животна средина и просторно планирање беше во тесна координација со локалните власти и со другите агенции вклучени во управувањето со поплавите, а ова партнерство обезбеди координиран пристап за решавање на проблемите поврзани со поплавите и со опасноста од водите – изјави првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити.

Тој нагласи дека проектот помогнал да се изгради посилен и поодржлив систем за управување со ризикот од поплави и дека создал можности за понатамошен развој на заштитната инфраструктура во регионот.

– Покрај инфраструктурните интервенции, со проектот се зајакнаа и капацитетите на регионалните и на националните тимови, на Дирекцијата за заштита и спасување, противпожарните служби и спасувачите од Министерството за внатрешни работи. Се формираше и мрежа за заштитен и отпорен Полог, како и заедничко административно тело од сите градоначалници, чија главна задача е да се грижат за одржливоста на проектните интервенции – нагласи Меџити. 

УНДП во соработка со локалните и со државните институции, невладиниот сектор и со месното население, беше спроведувач на овој многу значаен проект за Полошкиот Регион.

– Преку овој проект ја засиливме инфраструктурата, која е насочена кон превенција од поплави, при што се градеше речното корито во Шипковица, се чистеше речното корито на Вардар во Гостивар, како и во Јегуновце, каде што беше стабилизирано коритото на Вардар со 12 стабилизирачки точки. Во Националниот парк „Шар Планина“ беа обезбедени седум ерозивни области, ги зајакнавме националните и регионалните тимови за заштита, Директоратот за спасување и ЦУК и уште многу други активности. Самиот проект покажа дека кога соработуваме, можеме да ги пренасочиме ранливите моменти во силни страни, а предизвиците во решенија – рече Арменд Грегоријан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија.

Проектот „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот Регион“ е финансиран од Владата на Швајцарија со 12.700 000 американски долари, додека дополнителни 400.000 долари вложи Министерството за животна средина и просторно планирање и 130.000 долари општините во регионот.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ