Со садење садници, Куманово се бори против аерозагадувањето

12

Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ од Куманово лани насади речиси четири илјади садници, но и за годинава е предвидено садење на висококвалитетни садници, соопштија од претпријатието. Покрај садници, биле насадени и украсни грмушки.

– Лани имавме рекорден број садници – 3.849 висококвалитетни садници, кои значително придонесуваат за зачувување на животната средина. Станува збор за 16 вида листопадни садници. Досега немало вакво садење на подрачјето на Куманово – изјави директорот Ненад Стојановски.

Општина Куманово лани спроведе јавна набавка за набавка на садници, во износ од милион денари. За наредниот период, надлежните најавија дека се обезбедени висококвалитетни листопадни садници, кои ќе се садат во зони.

– Годинава имаме насадено 881 садници, сите наше производство. Станува збор за 4.730 садници, за период од помалку од 14 месеци ако се земе и проектот што го имаме со ЕУ, за садниците што ги садевме кај градскиот парк, на градскиот кеј, во Соколана. Значи, имаме насадено околу 6.500 садници. Апелираме до граѓаните да не ги уништуваат садниците, да ги чуваат, ние ќе се погрижиме за наводнувањето – нагласи Стојановски.

Пошумувањето е клучна мерка за намалување на аерозагадувањето, горлив проблем на кумановци, особено во текот на грејната сезона, која трае од октомври до март. За мерки против аерозагадувањето, Куманово одвојува најмногу средства во државата. Како долгорочни се сметаат гасификацијата и пошумувањето.

Резултатите од мониторингот, извршен преку проект, покажаа дека согорувањето биомаса има најголемо учество во аерозагадувањето, во помала мера сообраќајот, па палењето отпад и оган на отворено, согорувањето на мазутот и нафтата. Со најмал процент се минералната прашина и секундарните аеросоли.

ИЗДВОЕНИ