Ќе се посетат сите скопските општини, а потоа Битола, Прилеп, Велес, Охрид, Штип, Тетово… при што на средбите ќе присуствуваат и раководствата на околните општини во регионите. Карванот стартува денеска со посета на скопската општина Аеродром, каде што ќе биде промовиран проектот за реконструкција на мини плоштадот зад ТЦ „Капитол“. Министерот Златко Перински најави дека ќе се врши и увид во тековните капитални проекти, кои се прават во општините врз основана на кредитните средствата доделени по основ на повикот на Владата
Утврдување на потребите на граѓаните, лоцирање на проблемите со кои се соочуваат градоначалниците, увид во тековните проекти што се прават… е целта на серијата теренски посети на поголемите македонски општини што, во претстојниот период, ќе ги прави Министерството за локална самоуправа. Министерот Златко Перински денеска, заедно со премиерот Христијан Мицкоски, го најави проектот „Каде срцето е дома“.
Ќе се посетат сите скопски општини, а потоа Битола, прилеп, Велес, Охрид, Штип, Тетово… при што на средбите ќе присуствуваат и раководствата на околните општини во регионите. Карванот стартува денеска со посета на скопската општина Аеродром, каде што ќе биде промовиран проектот за реконструкција на мини плоштадот зад ТЦ „Капитол“. Потоа следуваат општините Гази Баба, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Чаир…
– Целта ни е да ги мапираме сите предизвици со кои се соочуваат општините и да се сублимираат насоките за нивно надминување. Ќе се среќаваме со градоначалниците, со бизнис-секторот, со претставниците на советите на општините, со граѓанскиот сектор, со културните и со спортските здруженија за да ги чуеме нивните мислења – изјави Перински.
Тој додаде дека истовремено ќе се врши увид и во тековните капитални проекти што се прават во општините врз основа на кредитните средствата што им се доделени по основ на повикот на Владата.
– Тоа се средства наменети за капитални проекти, а се доделени на голем број општини по претходниот повик. Истовремено, со овие посети сакаме да се заштитиме од евентуално девијантно однесување на градоначалниците и од нереализирање на проектите – рече министерот за локална самоуправа.
Тој најави дека вториот јавен повик за доделување на средствата на општините ќе биде објавен во текот на претстојната недела.
– Истовремено, ќе ги искористиме посетите за да се слушнат мислењата во општините за промените во Законот за локална самоуправа. Оваа активност треба да заврши до крајот на март, по што ќе бидат ставени промените во собраниска процедура и да стане ефективен пред распишувањето на локалните избори. Ќе најдеме механизми да се надминат проблемите на локалните самоуправи. Интересот на граѓаните ни е над сè. Креираме политики како никогаш досега – потенцира министерот за локална самоуправа.
Секој град што ќе биде посетен е означен со соодветен епитет. Така, Скопје е означено како „вистинска метропола“, Битола како „град на конзулите“, Кочани како „плодна земја на можности“, Кавадарци – „дом на виното“, Велес е „срцето на поезијата“, Охрид е „бисер на Балканот“…
(Б.Ѓ.)