Во Младинскиот културен центар во Скопје, на 22 февруари со почеток во 20:00 часот, по повод петгодишниот јубилеј, независниот театар „Златен Елец“ ќе ја изведе претставата „Хинкеман“, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска.
Со „Хинкеман“ се отвори минатогодишниот фестивал „Млад отворен театар“, работена е според антивоената и експресионистичка драма (Der deutsche Hinkemann, 1923) на Ернст Толер, чија најголема инспирација биле актуелниот историски контекст и времето во кое создавал. Текстот се обидува да ја пренесе духовната ситуација на народот и истовремено бара правда и подобра иднина со цел да се исправи кривата слика на тогашното општество. Овој текст е своевидно истражување на бруталните сили што управуваат со нашиот свет: војните, социјалните неправди и немилосрдните системи на економска моќ што ја ловат работничката класа. Јуџин Хинкеман, воен ветеран што се враќа дома физички и психички ранет, ги симболизира оние што се напуштени од системот во оној момент кога повеќе не се потребни како работна сила и можност за заработка. Претставата покажува колку длабоко вкоренетите предрасуди и стравот од непознатото создаваат култура на булинг и малтретирање, каде што општеството ги малтретира оние што отстапуваат од нормата, без разлика дали поради физичкиот изглед, половите улоги или која било друга согледана различност.
„Хинкеман“ нуди храброст да се погледне светот низ очите на оние што се маргинализирани и дискриминирани и дава порака за разбирање, емпатија и за заедништво.
Играат актерите: Бобан Алексоски, Дритон Вејсели, Талија Настова/Надица Петрова, Ане Блажовски, Леонида Гулевска и Бранко Михајлоски, музиката е на Лука Тошев. Претставата е копродукција со фестивалот МОТ во Младински културен центар, во февруари гостуваше во Прилеп, по повод 75 години на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, пред полна сала.
Независниот театар „Златен Елец“ Скопје постои од 2020 година, основачи се актерите Бобан Алексоски и Надица Петрова. „Дневникот на лудиот“, „Човекојадство“, „Куќа на духови“, „Не ми го чепкај пивото“, „Шапка, чоколадо, анус и уште нешто“, „Која сум јас“, „Не се курчи“, „Разнесени“, „Кенди“, „Пингвинот“, „Грета“, „Добри луѓе“, „Хинкеман“ и уште неколку претстави за деца се проектите со кои учествуваше досега овој независен театар на многу фестивали и манифестации, кои му донесоа неколку награди и признанија.
Во 2023 година, претставата „Кенди“, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, ја освои главната награда за најдобра домашна независна продукција БИШ на фестивалот „Млад отворен театар“ во МКЦ. Во 2024 година, таа претстава беше прогласена за најдобра претстава во целина на интернационалниот џез театарски фестивал „Нишвил“ во Ниш, Република Србија. Малку подоцна, на фестивалот „Ристо Шишков“, актерот Лео Поповиќ ја освои единствената награда на фестивалот за најдобро актерско остварување „Ристо Шишков“, а порано, во 2023 година, актерите од „Кенди“, Бобан Алексоски и Лео Поповиќ, се закитија со главната награда за најдобра партнерска игра на фестивалот на дуодрама во Неготино, наградата „Бранко Ѓорчев“. Награди за најдобар актер досега добија и Димитрина Мицкоска-Трајкоска, на фестивалот за дуодрама во Неготино, за претставата „Грета“, во режија на Тамара Стојаноска, и Бобан Алексоски за монодрамата „Дневникот на лудиот“, на фестивалот „Актерот на Европа“ – наградата „Преспански Дионис“, „Лица без маски“ и на фестивалот БАТТИФ во Тирана, каде што и Ѓорѓи Ризески доби награда – за најдобра режија на фестивалот.
Театар „Златен Елец“ и оваа година продолжува со нови проекти, гостувања, изведби и фестивали.