По четири години зад ’рѓосана ограда со катанец, луксузниот град-хотел Свети Стефан, може наскоро да почне да ги прима најбогатите гости на црногорското приморје. Од ова би имале корист закупецот, локалните власти и државата, но не и туристите со скромен буџет и локалното население, кои во изминативе години бесплатно уживаа на неколкуте преубави плажи кои додека работеше градот -хотел беа резервирани само за гостите.
Преговорите за повторното отворање на таканаречениот „Светец“, тргнаа откако во нив се вклучи српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ, кој во февруари беше во Црна Гора специјално за тоа да помогне за решавање на проблемот со Свети Стефан, вложувајќи го своето име и влијание.
Отворање на „Свети Стефан“, делумно порамнување на државата и закупецот и привременото прекинување на арбитражната постапка, се дел од договорот што го потпишала компанијата „Адриатик пропертис“ на грчкиот бизнисмен Петрос Статис, која ја има концесијата, од повеќе извори дознава подгорички „Вијести“. Според весникот, договорот кој е означен како доверлив, потпишан од Статис и партнерските компании е испратен до Владата. Исто така, се дознава и дека Ѓоковиќ има намера да вложи пари во компаниите кои на три децении го закупија црногорскиот бисер.
Бидејќи не ја добил бараната официјална информација, весникот од свои извори дознава дека се поднесени барања за запирање на арбитражната постапка на најмалку шест месеци. Компанијата на Статис наводно се обврзала да ги држи отворени градот-хотел „Свети Стефан“ и вилата „Милочер“, најмалку осум месеци годишно, со исклучок на оваа година кога треба да бидат отворени пет месеци. На „Вијести“ им било кажано и дека договорот предвидува вилата „Милочер“, СПА центарот „Аман“ во Милочерскиот парк и ресторанот „Олив“, спроти градот-хотел да бидат отворени најдоцна 45 дена од потпишувањето на документот. Во договорот наводно е прецизирано дека во рок од 75 дена ќе бидат во функција плажите Свети Стефан, источно и западно, како и Велика милочерска плажа пред вилата „Милочер“, а градот-хотел „Свети Стефан“ да биде отворен најдоцна 105 дена по потпишувањето на договорот. Користењето на најубавата црногорска плажа – Краљичина, според многумина, не е конечно решено со договор.
Договорите за закуп на Свети Стефан, Милочер и Краљичина плажа беа потпишани во 2007 година со оф-шор компанијата „Ејдвеј инвестмент лимитед“, која ја основа компанијата „Адриатик пропертис“ во Црна Гора. Сите крајни сопственици на Ејдвеј никогаш не се откриени, а еден од нив е грчкиот бизнисмен Петрос Статис. „Адриатик пропертис“ и претходниот хотелски оператор „Аман ресорт“ ги затворија капацитетите пред сезоната 2021 година, со образложение дека на гостите не може да им се гарантира мир и дискреција на плажите што ги закупиле со хотелите, бидејќи незадоволното локално население ги урна оградите на приодите до плажите. Потоа и двете страни поведоа арбитражни постапки пред судот во Лондон, кој има закажано рочиште во мај.