Разликата меѓу просечната плата во Србија и во Македонија изнесува 157 евра. Последните податоци на Државниот завод за статистика на Македонија покажуваат дека просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во октомври 2024 година, изнесува 42.134 денари (685 евра), додека пак, Републичкиот завод за статистика на Србија објави дека за истиот месец просечната нето плата изнесува 98.538 динари (842 евра).

Подобро од нас заработуваат и работниците во Босна и Херцеговина каде што просечната плата е 720 евра, во Црна Гора 944, во Хрватска 1.340 и во Словенија 1.514 евра месечно.

Кај нас зголемувањето на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен, во однос на претходниот месец е забележано во секторите: Дејности во врска со недвижен имот (7,5 %), Образование (5,0 %) и Градежништво (3,1 %) и се резултат на зголемениот минималец и покачувањата во јавниот сектор, како и одливот на работна сила во странство.

Просечната плата во Македонија во последните десет години пораснала за околу 94 насто. Ако во 2014 година просечната плата во октомври била 21.717 денари, а сега, десет години подоцна изнесува 42.134 денари (685 евра).

Но и покрај двојниот раст, Македонија е при дното на Европа според висината на просечните плати. Македонската плата е неспоредлива во однос на примањата во богатите европски земји. На пример, европскиот просек на месечна исплатена плата изнесува 3.155 евра.                                                        

(С.Бл.)