Со пиетет и љубов за градот

14

Со свеченост во Центарот за култура АСНОМ, исполнета со културно-уметничка програма и со доделување награди за учениците, се заокружи чествувањето на Денот на ослободувањето на Гостивар и на јубилејот 80 години слободен град.

– Највозвишеното, најдрагоцено и најсуштествено чувство од кое се издига секоја човекова вредност и ја претставува смислата на човековиот живот е слободата. Да се биде слободен, не значи само да се тргнат оковите туку и да се живее на начин што ги почитува и ги возвишува слободите и правата на другите – беше речено во воведниот дел од свеченоста.

Во своето обраќање, претседателот на гостиварската боречка организација, Радислав Ѓиноски, подвлече:

– Чувањето на споменот на борците од НОВ не е само цивилизациски долг, тоа, пред сѐ, е потреба на сегашните и на идните генерации објективно да размислуваат за тоа време, да ги зачуваат неговите неспорни вредности, врз нив да создаваат нови и уште посилни и пообединувачки. Да учат од грешките на тоа време и времето по него, зашто попусти се историските поуки ако се повторуваат истите грешки. Само така жртвите на илјадници знајни и незнајни во таа генерација ќе имаат своја смисла и оправдување. Ги повикуваме сите оние на кои човековото достоинство им е најсвета вредност, да продолжат да ги чуваат, негуваат и да ги развиваат слободарските традиции во современото живеење. Денес, Гостивар е редок бисер на соживот и на богата традиција.

На манифестацијата беа прогласени и најдобрите литературни творби од конкурсот распишан од Сојузот на борците Гостивар, на тема „18 Ноември, ден кој ги обединува минатото, сегашноста и иднината“.

Во категоријата на основци, првото место го освои Алексеа Симуноска од ОУ „Мустафа К. Ататурк“ (под менторство на Ели Смилеска), второто Дора Софреска од ОУ „Гоце Делчев“ (под менторство на Ефимија Групчева), а третото Мила Бошкоска од ОУ „Единство“ (под менторство на Лепа Јовческа). Во категоријата на средношколци, првонаградена е Сашка Билбиловска од медицинското училиште (ментор Горица Војноска), второто место му припадна на Филип Билбилоски од гимназијата (ментор Андријана Страшеска), а третото – на Адила Мирто од економското училиште (ментор Лилјана Стојановска).

Музичкиот дел од програмата го исполнија: „Фаворити бенд“, ГАКУД „Браќа Ѓиноски“ и „Ареа“. Пред свеченоста, во холот на установата беше отворена изложба на фотографии „Гостивар низ историјата“.