Со пари од ЕБОР ќе се решава отпадот во Полошкиот и во Пелагонискиот Регион

25

Министерот за животна средина и просторно планирање,  Изет Меџити,  потпиша договор за грант од 3 милиони евра со директорот на Канцеларијата на ЕБОР во Скопје, Матео Коланџели, наменети за процесот на собирање отпад во земјата.

Меџити истакна дека со овој грант се очекува да се олесни процесот на собирање отпад и да придонесе за развој кон следната фаза, односно негово рециклирање.

-Потпишувањето на Договорот значи помош за институционална поддршка и корпоративно управување, за забрзување и олеснување на процесот на собирање отпад во државата и преминување во следната фаза на рециклирање и решавање на овој долгогодишен проблем на нашите граѓани во државата – изјави Меџити.

Директорот на ЕБОР, Матео Коланџели, додаде дека животната средина во Западен Балкан е главниот фокус на Европската банка за обнова и развој, нагласувајќи дека ова е прва инвестиција од ваков вид.

– Ова е прва инвестиција од ваков вид, каде што 45 општини од различни региони во државата се опфатени со поддршка во управувањето со цврстиот отпад, а директно ќе имаат бенефит повеќе од еден милион луѓе. Навистина сме горди на она што го правиме заедно со нашите партнери и фокусирани сме на ефикасна и брза реализација на оваа инвестиција – констатираше Коланџели.

Тој нагласи дека фокусот на ЕБОР е животната средина во Западен Балкан, вклучително и во нашата земја, така што во иднина ќе се работи многу со оваа тема, за зајакнување на капацитетите на Северна Македонија во рамките на стратегијата што се подготвува за следните 5 години.

Амбасадорката на Швајцарија во земјава, Вероник Улман, рече дека со овој грант граѓаните директно ќе можат да ги видат придобивките, објаснувајќи дека чекорите што ќе бидат преземени ќе бидат целосно безбедни и во согласност со прописите и законодавството на Европската Унијата.

-Швајцарија навистина придонесува за развојот на животната средина, ќе бидат опфатени региони, каде што граѓаните ќе можат да ги видат придобивките и дека навистина правиме нешто за тоа. Кога патувам низ вашата прекрасна земја, луѓето многу често велат дека треба да направиме нешто за ова, и сега е време. Затоа Швајцарија одлучи да помогне и да придонесе за развојот на животната средина во овие региони – заклучи Улман.

Меџити денеска ја посети и депонијата „Русино“, од каде што најави инвестиции кои Министерството за животна средина и просторно планирање ги планира за првата половина од наредната година што имаат за цел оваа депонија да ја претвори во современа регионална санитарна депонија за цел Полошки Регион.

-Во рамките на проектот, во тековниот период за Полошкиот Регион се реализираат активности за изградба на трансфер станица за Тетово, која ќе служи како помошна инфраструктура за собирање на отпадот, што потоа ќе биде транспортиран до регионалната депонија „Русино“, потоа набавка на тешка механизација наменета за потребите на депонијата, со цел подобрување на ефикасноста и капацитетите за управување со отпадот и проект за надзор на проектните активности на терен, што ќе обезбеди континуиран мониторинг на сите активностите што се спроведуваат – истакна Меџити.

Тој информираше дека во моментов во тек се активности за избор на компании што ќе го реализираат проектот, а најдоцна до јуни 2025 година се очекува да започне реализацијата на терен.

Регионалниот проект за цврст отпад во Полошкиот регион се  финансира преку заем од Европската банка за реконструкција и развој (ЕБОР), грант од Швајцарската агенција за развој (SECO) и други донатори, а новата санитарна депонија поставена врз постојната депонија „Русино“ ќе работи согласно националните и ЕУ стандардите.

 

ИЗДВОЕНИ