Стопанствениците и граѓаните на Пелагонискиот Регион очекуваат да се преродат откако ќе бидат пуштени за сообраќај експресниот пат Градско-Прилеп, во 2025 година, а потоа и автопатот Прилеп-Битола, што треба да го гради „Бехтел и Енка“ и кој ќе биде готов во 2027 година. Прво, прилепчани ќе добијат безбедна врска со македонската метропола до која ќе се стигнува за само еден час, а битолчани за час и половина. А второ, ќе се добие поврзување со другите региони во земјава и преку граничниот премин Меџитлија (кај Битола), излез во Грција и на Егејско Море.
Експресниот пат од Градско до Прилеп се гради во три секции. Од Градско до Дреново требаше да биде готов до Нова година, од Дреново до Фариш најавите се да се заврши во март и во текот на 2025 година од Фариш до Прилеп. Бизнис-секторот во Прилепскиот Регион со децении чека добра инфраструктура, а експресниот пат Градско-Прилеп, тоа треба да го понуди.
– Патот Прилеп-Градско е од клучно значење за Пелагонискиот регион. Тој коридор 10 Д е единствениот коридор кој уште пред 30 години беше дел од пан-европските коридори. Со финализирањето на автопатот Прилеп- Битола, овој пат дополнително ќе направи поврзување на северниот дел на државата и ќе го олесни пристапот до пристаништето во Игуменица, Р Грција. Вака поставените услови за работа на економските оператори во Пелагонискиот Регион ќе им овозможи побрз проток на стоки и услуги и пристап покрај до централна Европа, така и до Егејското и Јонското Море – вели за МИА, Никола Мариноски, претседател на прилепската Регионална стопанска комора.
Тој очекува слеаните финансиски средства во Пелагонискиот Регион ќе ја поттикне и ќе ја зајакне и локалната економија.
– Да се надеваме дека тоа ќе резултира со отворање нови работни места, како и подобрување на платите на постојните работни места – смета Мариноски.
На регионалниот пат Дреново-Прилеп преку Плетвар во 2019 година имало просечна фреквенција од 4.994 возила дневно. Дневната фреквенција на возила во 2023 година изнесувала 6.000 возила.