Со мерките што ги преземаме, ќе влијаеме за почист воздух и за почиста животна средина

0
19

Загадувањето е комплексно прашање, кое не може да се реши со една мерка, туку со повеќе. Со мерките што ги преземаме, полека, но сигурно ќе влијаеме да има почист воздух и почиста животна средина, порача денеска првиот вицепремиер и министер за животна средина, Изет Меџити.

Како позитивен пример го оцени последниот проект на Владата за доделување средства на општините за реализација на капитални проекти, зашто, како што рече, 40 отсто од нив се за еколошки проекти и за подземна инфраструктура, со што индиректно помагаат за почист воздух.

– Работиме интензивно на намалување на загадувањето, кое е проблем. Точно е дека долго време Скопје и некои други градови во Македонија се високо загадени, особено урбаните средини, но точно е и дека во последните години се намалуваат деновите во кои воздухот е најзагаден. Има и други мерки од Министерството и од Владата. Деновиве, во функција ќе бидат ставени и средствата од ЕИБ, во износ од 50 милиони евра, за подземна инфраструктура во сите општини, кои досега не беа искористени – изјави Меџити.

Тој истакна дека, според анализите во повеќе градови, главен фактор за загадувањето на животната средна се домаќинствата што се греат со огревни дрва или со несоодветни горива.

– Тука се и големите загадувачи, но со нив работиме интензивно за поставување филтри и да преземат соодветни мерки. Но, не требаат само краткорочни туку и долгорочни проекти. Еден од нив може да биде и проектот за гасификација на урбаните средини, кој може да го реши проблемот не само на домаќинствата туку и на индустријата, но и на јавните институции, од кои добар дел се греат на мазут и на средства што се загадувачи – констатира Меџити.

За протестот во Кочани и за недозволувањето дури ни камионите на кочанското јавно претпријатие  со смет да влезат во депонијата, рече дека се бара решение заедно со граѓаните.

– Мора да работиме на регионалните депонии. За Кочани, конкретно беше преземено и приватната компанија „Бехтел и Енка“ да помогне да се расчисти депонијата. Имаме проблем со регионалните депонии, бидејќи никој не сака да има во своја близина таква депонија и да се собира ѓубре. Сепак, мислам дека полека, со објаснување кон жителите на Кочани, ќе најдеме начин, бидејќи тоа оди во нивни прилог и за подобра животна средина – нагласи Меџити.

Додаде дека Министерството за животна средина има добиено кредит од околу 55 милиони евра од ЕБОР за изградба на регионални депонии, кој, како што рече, поради недобра посветеност и недобра комуникација со граѓаните, не е реализиран.

– Чекаме прво да почнеме со регионалната депонија во Свети Николе. Работиме и во Пелагонискиот Регион, каде што бараме решение, во рамките на депонијата на РЕК „Битола“ да се изгради центар за собирање ѓубре. Ќе искористиме сè што ни е на располагање за да имаме подобра животна средина – заклучи Меџити.