Лекар од Берлин е обвинет за убиство на 15 пациенти со палијативна нега, соопшти денеска обвинителството.
Тој беше обвинет и дека се обидел да прикрие докази со палење на нивните домови. Лекарот бил дел од тимот кој се грижел за пациенти на кои им биле дијагностицирани сериозни или неизлечиви болести.
Тој првично беше осомничен дека е одговорен за смртта на „само“ четворица пациенти.
Сепак, обвинителите рекоа дека од минатото лето нашле докази кои го поврзуваат со смртта на вкупно 15 лица помеѓу 22 септември 2021 година и 24 јули минатата година.
Возраста на жртвите е од 25 до 94 години. Повеќето од нив починале во своите домови.
Тој, наводно, давал анестетик и мускулен релаксант на пациентите без нивно знаење или дозвола. Медицинскиот коктел наводно ги парализирал респираторните мускули. За неколку минути следувал респираторен прекин и смрт, соопшти обвинителството.
Лекарот, 40-годишен маж чие име не е објавено, во согласност со германските правила за приватност, е во притвор од 6 август. Обвинителите денеска соопштија дека тој сè уште не се изјаснил за случајот против него.
Обвиненијата се доставени до државниот суд во Берлин, кој сега треба да одлучи дали и кога ќе одржи судење.
Обвиненијата за убиство носат најстрога казна – доживотен затвор.
Обвинителите додадоа дека нивната цел е судот да утврди дека се работи за исклучително тешко кривично дело и дека нема да можат да бараат ослободување по 15 години, што често е случај во Германија. Бараат и одземање на лекарската лиценца, што значи дека му е забрането да ја врши оваа професија.