Со лажни фотографии измамници нудат сместување во Грција, ги собираат парите и исчезнуваат без трага

620

Измамените граѓани велат дека наводните сопственици на апартмани во Грција им зеле депозит, дури и до 500 евра, а потоа престанале да одговараат на нивните пораки и повици. Фејсбук-групата „Грчка инфо“ советува: Немојте да вршите резервации за сместување во Грција преку разноразни инстаграм-профили, фејсбук-групи или новоотворени страници, кои последниве години се намножија во голем број, каде што поединци ги нудат своите апартмани во Грција преку разноразни огласи или преку луѓе што огласуваат за своето сместување во разни групи, а кои не ги познавате лично

 

Летото се ближи и веќе се размислува каде на одмор. Познато е дека Грција е првиот избор на српските граѓани, па некои уште отсега резервираат сместување. Во обид да поминат поевтино, дел од нив ги прескокнуваат туристичките агенции и директно контактираат со сопствениците на апартмани. Но, се покажа дека е опасно тоа, зашто може да наидат на измамници, кои ќе им ги соберат парите и ќе исчезнат.

Измамниците се веќе испраксирани, затоа што го прават тоа со години, но сè уште има неопитни граѓани, кои стануваат нивни жртви. Деновиве, неколкумина се пожалија дека се измамени, па од фејсбук-групата „Грчка инфо“објавија известување за корисниците, кое ќе им помогне да ги избегнат ваквите ситуации.

– Немојте да вршите резервации за сместување во Грција преку разноразни инстаграм-профили, фејсбук-групи или новоотворени страници, кои последниве години се намножија во голем број, каде што поединци ги нудат своите апартмани во Грција преку разноразни огласи или преку луѓе што  огласуваат за своето сместување во разни групи, а кои не ги познавате лично – стои во предупредувањето на администраторите на „Грчка инфо“.

Како што пишува српски „Блиц“, измамниците нудат сместување во Грција преку разни групи на социјалните мрежи, меѓутоа фотографиите на апартманите технички „не постојат“, туку сликите се преземени од некаде, преку Интернет.

– Нудејќи сместување што практично не постои и докажувајќи го со лажни фотографии, земаат депозит, а потоа исчезнуваат без трага – пишува медиумот.

Измамените граѓани велат дека наводните сопственици на апартмани во Грција им зеле депозит, дури и до 500 евра, а потоа престанале да одговараат на нивните пораки и повици.

На „Грчка инфо“, предупредувајќи за оваа измама, еден граѓанин ја објавил и преписката со лажниот сопственик на апартман.

– Имам стан веќе две децении. Не лажам. Повеќе од четири години изнајмувам стан. Има и клима и паркинг – стои во објавената преписка во која има и фотографија од апартманот, како и барање да се уплати половина од договорената цена, и тоа преку некој од трансферите на пари, како „Вестерн јунион“, „Маниграм“ и слично.

Како што пренесуваат српските медиуми, „Грчка инфо“ има голем број примери на измамници и на измамени граѓани. Посочена е извесна И.Ј., која во нивната, а, можеби, и во други групи, огласила дека издава апартман во Грција за 4 лица за 52 евра дневно. А, всушност, од една позната платформа за сместување симнала слики од апартман, кој воопшто не е во Грција и во групата „Грчка инфо“ лажно го претставила како свој. Администраторите на оваа фејсбук- група наведуваат дека не знаат дали успеала некого да измами, но наведуваат дека препознале лажна објава и ја тргнале.

Според фејсбук-групата, пред три години била измамена Л.О., која преку „Месинџер“ уплатила летување кај лице што имало фејсбук-страница со лажни фотографии на непостојно сместување, рекламирано како „куќа со базен, во мирно опкружување, на плажа“. Откако биле земени парите, јавувањата престанале.

Понуди за закуп на непостојни апартмани имало и за Црна Гора. Ги нуделе лица со женски имиња, без фотографии, во една од фејсбук-групите за сместување, а им ги праќале фотографиите на заинтересираните преку „Вацап“ и „Вибер“. Апартманите, кои наводно биле на 15 метри од плажа, биле нудени по цена од 23 евра за пет лица. За жал, некои наседнале на оваа примамлива понуда и останале без пари.

Истото му се случило и на едно семејство што платило на лице со, најверојатно, измислено име Слаѓан неколку стотини евра, колку што чинело целото летување. Измамникот објавил слика од хотел во Пефкохори, кој таму, всушност, го нема и во ек на сезоната, понудил поволна цена со дополнителен попуст за уплата однапред.

Има и измамени од Македонија. Во „Грчка инфо“ се обратила М.Т. од Гостивар, која информирала дека три семејства од тој град биле измамени во август. Преку Фејсбук им било понудено летување во хотел во Паралија, тие уплатиле кој 250 кој 200 евра, а кога стигнале таму, не само што го немало човекот што требало да ги пречека туку во хотелот немале поим за нивната уплата.

И што е уште пострашно, оваа разработена шема на измами не се задржува само на летувањата. Српските медиуми наведуваат и за случај што се повторува секоја година: на измамник што ја ставил својата понуда во една фејсбук-група, му уплатувале за прослава на Нова година во една викендичка на планина. Кога стигнале таму, ги немало ни викендичката ни лицето на кое му платиле. Биле оштетени повеќе од 80 лица.

Од „Грчка инфо“ соопштуваат дека и во моментов, на социјалните мрежи се активни неколкумина измамници. Затоа, ги советуваат граѓаните да бараат сместување од луѓе што јавно објавуваат понуди со фотографии, цени и локација, а да ги игнорираат оние што им ги праќаат понудите преку приватна понуда.

– Измамниците набљудуваат кој бара сместување во групите на Фејсбук, а потоа испраќаат лажни понуди во сандачињата на тие луѓе. Најчесто се работи за нереално ниски цени, иако не е правило тоа. Го земаат депозитот на различни начини и никогаш повеќе не се јавуваат. Немаме поим колку луѓе се измамени во текот на сезоната, затоа што многумина се срамат да пријават или јавно да пишуваат за да ги предупредат другите – стои на „Грчка инфо“.