Општина Ѓорче Петров доби напредна технолошка опрема за еколошки мониторинг и справување со ризици од природни непогоди, благодарение на проект финансиран од Европската Унија во рамки на ИПА III Програмата за прекугранична соработка (2021–2027).

Проектот се спроведува во партнерство со Општина Хани и Елезит, Министерството за животна средина и просторно планирање на Косово, Меѓународниот институт за развој и истражување „Д-р Југослав Ачкоски“ и Дирекцијата за заштита и спасување.

Преку овој проект, Општина Ѓорче Петров доби две високо-технолошки камери со сензори за следење фрлање отпад и појава на диви депонии на критични точки, сензор за мерење на водостојот на реката Лепенец со можност за следење во реално време и навремено предупредување при поплави, два дрона за аеронадзор на тешко достапни терени – за побрзи и поефикасни инспекциски активности и специјализиран камион-кипер за олеснета логистика и интервенции на терен од страна на општинските еко-тимови.

– Преку воведување паметни технологии – сензори, дронови и системи за надзор, добиваме нови алатки во борбата против загадувањето и климатските ризици. Ова не се само технички подобрувања, туку конкретни мерки што директно го унапредуваат квалитетот на животот на граѓаните и ја зголемуваат безбедноста на нашата заедница – рече градоначалникот Стојкоски.

ИЗДВОЕНИ