„Немам трема, туку некоја позитивна возбуда, еуфорија, очекување. На тој Осмомартовскиот концерт и на таа сцена ќе оставам дел од својата душа. Воопшто не го перципирам концертот низ призма на заработувачка. Ова е исполнување на еден мој долгогодишен сон и би рекол еден нов почеток за мене. Горд сум што сум на сцената на која пеат се уште најголемите некогашни југословенски музички ѕвезди“!, вели Јоце Панов во интервјуто за весникот ВЕЧЕР
Родната Македонија го смета за вистинско музичко чудо, музички талент кој со својата песна и карактеристичен начин на пеење ја освои и соседната Србија. Популарниот штипјанец Јоце Панов со скопската адреса на живеење, деновиве, е пак во Белград каде што за српскиот пазар снима нова песна, потенцијален хит. Пред да замине успеавме да му „грабнеме“ од драгоценото време, кое му значи, исто колку што многу му значи и кога треба да им се обрати на читателите на омилениот весник ВЕЧЕР со ексклузивно интервју пред неговиот гала-осмомартовски солистички концерт во „Македонската филхармонија“. Вистински професионалец, од глава до петици, што инаку е реткост на македонската естрада, оти таквите како него, на прсти можат да се избројат!
Какво е чувството првпат во твојата долга пејачка кариера да имаш еден ваков гала-солистички концерт и тоа не каде било, туку на серозната сцена на „Македонската филхармонија“, на која настапуваат само големи музички имиња, Балканските ѕвезди во вистинска смисла на зборот
-Да се потсетиме дека во далечната 2007 година со само пет свои песни во мојот роден град Штип, во „Домот на културата“, го имав својот прв концерт за кој и ден-денес можам да кажам дека се гордеам. Салата беше претесна да ги собере сите кои сакаа да бидат дел од публиката. Сега, по повеќе од две децении мое активно присуство на музичката сцена, со повеќе од 50 свои песни, мислам дека најмалку што можам да направам за својата публика е да се оддолжам со еден ваков скопски грандиозен концерт. Слоганот за концертот е „Јоце за дамите”, во знак на благодарност на женската публика, која е доминантно присутна на моите настапи. Токму затоа и го избрав Денот на жената, како мој подарок за сите дами. А може ли еден музичар да подари нешто поубаво од својата песна и својот глас?! Секако дека и мажите исто така се мои поддржувачи, па очекувам да видам и многу мажи во публиката. Знам дека ќе ги изненадат своите дами и ќе им овозможат една вечер полна со љубов, емоции и радости.
Како стоиш со тремата пред концерт или тоа е онаа како што сакаат да кажат пејачите, голема возбуда од настанот кој со љубов се подготвува и од кој очекуваш, нели само добри критики, туку и добра заработувачка?
-Месеци наназад целата моја енергија е насочена во подготовките на тој концерт. Многу љубов, време и внимание вложувам во секој сегмент и во секој детаљ, како на музичкиот, така и на сценскиот дел. Немам трема, туку некоја позитивна возбуда, еуфорија, очекувања. На тој осмомартовскиот концерт и на таа сцена ќе оставам дел од својата душа. Воопшто не го перципирам концертот низ призма на заработувачка. Ова е исполнување на еден мој долгогодишен сон и би рекол еден нов почеток за мене. Горд сум што сум на сцената на која пеат сè уште најголемите некогашни југословенски музички ѕвезди. Чест ми е и јас да се најдам рамо до рамо со нив. Тука во „Македонската филхармонија“ пред мене настапувале и: Јосипа Лисац, Петар Грашо, „Фрајле“, Јелена Томашевиќ, Данијела Мартиновиќ, Бисера Велетанлиќ, Сања Долежал, Васил Хаџиманов, Борис Новковиќ…
Каков репертоар од песни подготвуваш, знаејќи дека на настапите во клубовите и дискотеки пееш често и стари југословенски шлагери, дали така ќе биде и во „Македонската филхармонија“? Или репертоарот е главно приспособен на дамите со оглед на тоа дека е Осмомартовски подарок?
-Ова беше можеби најмачниот дел околу подготовките. На моите настапи доминантно се застапени моите песни и гледам дека публиката ги пее и знае наизуст, ги бара по неколку пати. Тешко ми беше да одвојам дваесетина песни, со оглед на тоа што не можам да го пеам цел свој репертоар. Подготвувам еден посебен блок на песни, кој ќе биде изненадување. Сигурен сум дека публиката ќе го проследи со воодушевување и тоа ќе го награди со громогласно ракоплескање.
Кој се учествува во подготовките на концертот, мислам на оној организацискиот, менаџерскиот, медиумскиот дел, како и на оној музичкиот, колку музичари ќе бидат на самата сцена, дали се ќе оди во живо, а и како ти ќе бидеш облечен, а со оглед на тоа дека важиш за еден од највкусно среден, дотеран на естрада, а богами и за еден од најзгодните наши машки пејачи? Со моќен глас… и со сексапилните мајсторски тетоважи!
-Подготовките траат со месеци наназад. Од медиумскиот дел, преку организација па, сè до музичкиот. Се работи со голема љубов и се вложува многу енергија. Мојот тим е една сложувалка составена од многу делчиња кои го прават целото да биде совршено. Десетици луѓе се одговорни за медиумскиот и организацискиот дел и тоа е препуштено во нивни раце. Јас сум фокусиран на музичкиот дел. На сцената со мене ќе има повеќе од дваесет музичари. Сè оди во живо. Ни трошка од плејбек. Овие последни денови пред концертот ги користиме за интензивни проби, за сè да звучи идеално. За да биде сликата комплетна, секако дека е важно и она што се гледа со око, естетскиот дел. Од сценографијата, па сè до мојата облека, сè е на највисоко, би кажал, светско ниво.
Што се однесува до тетоважите, знам дека ве интересираат. И јас си ги сакам. Веројатно ќе се видат, се разбира, само ако ги подвиткам ракавите од кошулата.
Што вели твојата естрадна конкуренцијата за овој концерт, дали слушаш околни муабети, градски озборувања, по некој трач? Кој е твојот став за естрадното лицемерие, бидејќи зад грб многумина не се поднесуваат и што би се рекло народски, сочно лаат?
-Од првиот момент кога одлучив да го правам концертот се насочив со позитивна мисла и енергија. Реакциите беа исклучително позитивни. Јас се радувам на успехот на секој мој колега, за секој од нас под ова небо има место. Многу од моите колеги ме контактираа да ми честитаат за овој настан, среќни што македонската музика се афирмира и што публиката покажува интерес. Тоа многу значи за секој од нас. Сите ние сме дел од таа атмосфера. Негативните коментари одамна одлучив да не ги слушам, да не ги перципирам. Имам изграден силен одбранбен механизам и силно верувам дека моето е само она што ќе го дадам, ќе го испеам или ќе го кажам.
0 Како реагираш воопшто сите овие години на трачевите и скандалите од кои ниту ти не си поштеден, иако се знае дека си во среќен брак, сепак таблоидите не те оставаат на раат? Кој е последниот трач што си го слушнал или прочитал за тебе и дали се лутиш поради тоа?Како реагира на сето тоа твојата сопруга?
-Реагирам токму така одбранбено со рамнодушноста на скандалите врзани за моето име. Во Македонија не постојат таблоиди, имаше „Свет“ едно време, а во Србија каде што исто така пеам, ситуацијата е навистина застрашувачка. Можат да ти смислат каков било скандал или трач, ама ќе си молчиш, сè за љубов на популарноста. Со мојата сопруга се познаваме сосема доволно, заедно сме долги години, така што таа со право не верува во трачевите во врска со мене. Впрочем, ме запозна на моите настапи, беше дел од мојата публика. Свесна е од првиот момент за специфичноста на мојата работа и за тоа што значи да си популарна личност. Секоја емотивна врска се темели на разбирање и компромис. Јас имам среќа таквата личност да е со мене што за успех во естрадната работа премногу ми значи.
Дали имаш неостварена желба да снимиш песна во дует со некоја пејачка?
–Имам многу дуети снимено во овие 25 години кариера. Прекрасна соработка имам со колегите и колешките. Подготвувам уште нешто ново, токму во оваа насока. Нешто што некогаш било моја желба, сега ќе прерасне во реалност. Но рано е да ви го откријам тој проект. Оставам да ја изненадам својата публика, моите обожаватели.
Дали имаш желба еден ден да ја претставуваш Македонија на „Песна на Евровизија“, откако таму ќе се вратиме? И што мислиш дали е исправно што се повлековме од тој голем настан?
-Мојот став е дека секоја промоција на нашата земја со песна е одлично претставување. Тоа е можност да се слушне нашиот мелос, странците да слушаат за Македонија, да се запознаат со нашите убавини, нашата храна, нашиот јужњачки менталитет. Секој стих испеан надвор од нашите граници ни донесува само бенефит. Мислам дека добра песна, со добар сценски настап, со извонреден вокал, со добар маркетинг преку медиумите, може да помине одлично. Впрочем, имавме такви случаи во минатото кога на „Евровизија“ навистина добро сме котирале. Јас секогаш имам желба за добра песна. А, има ли подобар промотор за секоја земја од песната?!Затоа сакам да се ѝ вратиме на „Песна на Евровизија“.
Како сега оди твојата пејачка кариера во Србија? Сметаш дека треба таму да се преселиш да живееше на подолг период, доколку сакаш на тој пазар да станеш и останеш естрадна ѕвезда, вклучувајќи го и одличното познавање на српскиот јазик? Ти, би се преселил да живееш во Белград?
-Често сум присутен во Србија. И после ова интервју заминувам за Белград. Учествувам во една забавно-музичка ТВ-емисија. Секоја од песните ја пеам на двата јазика. Впрочем, голем дел од моето детство го поминав во Белград во Србија. Таму живее мојата прва братучетка, така што српскиот јазик го зборувам и пеам исто како мојот македонски. Во една ТВ-емисија кога гостував со пејачката Зорица Брунцлик, таа не можеше да поверува дека сум Македонец со оглед на тоа што одлично зборував на српскиот јазик, како да сум роден во таа држава.
Какви ти се плановите за ова долго, топло лето и на приватен и на професионален план?
–Летото сигурно ќе ми биде работно. Веќе со овој Осмомартовскиот концерт за мене започнува една нова етапа во мојата кариера. Во интензивни преговори сум за настапи во дијаспората, во прекуокеански земји, но и низ Европа. Последната моја песна „Во туѓина” ги допре срцата на сите нашинци, кои се далеку од својата родна грутка. Постојано добивам понуди од луѓе кои сакаат да им ја пеам во живо. Малта ми е веќе стандардна дестинација. Таму имам публика од целиот Балкан, не само од Македонија. Сите тие редовно доаѓаат на моите настапи. Токму на настапот во Малта за првпат ја испеав „Во туѓина“ и доживеав неопислива бура од емоции. Веднаш по скопскиот концерт ќе снимам нова песна со нов спот. Сигурно дека ќе одвојам неколку дена за одмор со семејството, да заминеме на некое убаво море. Летните обврски ми се веќе распределени. Дополнително, работам и како професор по музичка уметност во едно скопско средно училиште. Тоа од мене бара да наоѓам некоја средина меѓу мојата кариера, настапите и работата со ученици. Но, тоа е нешто што ме прави среќен. Само исполнет човек, а тоа сум јас, може да балансира на секое поле. Дуле МИЌИЌ фото: ФБ-архива