АД ЕСМ, со поволен кредит од Германската развојна банка (KfW), почнува нов циклус инвестициски проекти во обновливите извори на енергија. За таа цел, вчера, во Владата беа потпишани договори меѓу АД ЕСМ и Развојната банка (KfW), наменети за изградба на двата нови капацитети за производство на обновлива енергија. Станува збор за изградба на фотоволтаичната електроцентрала „Битола 2“ и за реализација на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“.
Средствата за овие два значајни проекти, во износ од 55 милиони евра, се обезбедени преку заем со државна гаранција, потпишана од Министерството за финансии по исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс-период од пет години.
– Вложувањата во енергетиката се приоритет и од капитално значење. Денес и формално го означуваме почетокот на еден процес што значи изградба на два суштински проекти во енергетскиот сектор – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Се работи за инвестиција вредна 55 милиони евра, од кои 47,3 милиони евра се за фотонапонската електрана „Битола 2“, додека за ветерниот парк „Богданци“ – фаза 2 инвестицијата е 7,7 милиони евра.
– „Битола 2“ ќе се гради во рамките на РЕК „Битола“ и ќе има инсталиран капацитет од 50 до 60 MW. Се очекува оваа електроцентрала да произведува околу 80-90 GWh електрична енергија годишно, се разбира, тоа зависи од сончевата радијација, што е доволно за приближно 20 илјади домаќинства и ќе се намали емисијата на јаглерод диоксид за 63.000 тони годишно – изјави Мицкоски.
Со втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“ е предвидена изградба на дополнителни четири ветерни турбини, со што инсталираната моќност ќе биде зголемена за дополнителни 13,6 MW, а вкупната инсталирана моќност ќе се зголеми и ќе биде повеќе од 50 MW, обезбедувајќи дополнително годишно производство од 37 GWh зелена енергија.
– На овој начин се бориме за поголема енергетска независност и за поголема ефикасност. Ако во минатото и од минатите влади енергетиката беше поле за криминал и корупција, за нас ова е поле каде што треба да ги засукаме ракавите, жестоко да работиме, затоа што преку енергетиката се гради и нашата заедничка иднина – рече Мицкоски.
Тој рече дека континуирано има средби со потенцијални инвеститори, заинтересирани за градба на когенеративни гасни централи. Сите инвестиции за кои се разговара, потенцира, се пазарно ориентирани и не се како оние претходните што требаше да поминат како стратешки проекти во Собранието.
Според него, и покрај последното зголемување на цената на природниот гас на светските берзи, не се намалува интересот за изградба на вакви објекти, бидејќи Скопје и земјава имаат голем пазар за топлина и за електрична енергија, кој е недоволно искористен.
Германската амбасадорка, Петра Дрекслер, рече дека Германија, и во својата држава и на меѓународно ниво, се залага за амбициозна климатска политика во која спаѓа и забрзаната изградба на извори на обновлива енергија. Нагласи дека енергетската транзиција нема алтернатива во поглед на глобалното справување со климатските промени, додаде дека воедно е и шанса за енергетска независност, а со тоа и за поголема безбедност и економска одржливост.
Мориц Реме, регионалниот директор на канцеларијата на Германската банка (KfW) за Скопје и за Приштина, рече дека се лансира проект со кој ќе се надгради ветерниот парк „Богданци“, кој во 2014 година беше прв ваков проект во поширокиот регион, со што, како што кажа, имал функција да ги отвори вратите за понатаму.
Генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, истакна дека се очекува двата проекти да бидат готови до 2027 година.
– По неполни два месеци, АД ЕСМ и банката KfW ја продолжуваат својата соработка насочена кон реализација на енергетските проекти, кои значително ќе го зголемат портфолиото на државата со нови производствени капацитети на електрична енергија од обновливи извори – рече Узунчев.
Нагласи дека со надградбата, ветерниот парк „Богданци“ во 2027 година ќе има очекуван бруто годишен приход по фидин тарифа од околу 3,3 милиони евра.