Преку квази-наградни игри во лов на лични податоци и пари од сметки на граѓаните

17

Последната од низата измами е онаа со користење на логото на Зоолошката градина, која „наводно“ организира наградна игра по повод роденденот на оваа институција во која се нуди освојување на четири билети за нејзина посета.  В.д. директорот на Зоолошката градина, Зоран Попов, за весникот ВЕЧЕР, нагласи дека станува збор за злоупотреба на логото на установата. – Ние не сме објавиле ништо такво. Се обидуваме преку надлежните институции да дознаеме кој го има објавено ова. Тоа е сајбер-криминал, не е од нас, дециден е Попов.

Mинистерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи нов феномен на Инстаграм или на Фејсбук со формирање лажни профили на јавни личности како инфлуенсери, доктори, чиј идентитет е украден или злоупотребен. Андоновски повика ваквите случаи да се пријават за побрзо реагирање на државните институции и лажно креираните профили да се симнат од платформите многу брзо

 

Во последно време зачестија измамите во кои се користат логоата на фирми, претпријатија за да се соберат лични податоци од граѓаните, за подоцна од нивните сметки да се извлечат пари.

Последната од низата измами е онаа со користење на логото на Зоолошката градина која „наводно“ организира наградна игра по повод роденденот на оваа институција во која се нуди освојување на четири билети за нејзина посета.

Од Зоолошката градина на нивната официјална фејсбук-страница информираат дека се работи за појава на лажна страница, која под име ЗОО Скопје „организира” наградни игри во име на оваа установа и тие не се веродостојни. Воедно, предупредуваат дека очигледно се работи за таканаречена „фишинг“ страница, која има за цел да ги собере личните податоци на граѓаните.

– Зоолошка градина Скопје нема никаква врска со оваа лажна страница и затоа ве замолуваме ако сте во можност да ја пријавите како измама – апелираат од оваа установа.

В.д. директорот на Зоолошката градина, Зоран Попов, за весникот ВЕЧЕР нагласи дека станува збор за злоупотреба на логото на установата.

– Ние не сме објавиле ништо такво. Се обидуваме преку надлежните институции да дознаеме кој го има објавено ова. Тоа е сајбер-криминал, не е од нас – дециден е Попов.

Ова не е случај само со Зоолошка градина.

Точно пред еден месец се појавија лажни информации на социјалните мрежи, поврзани со електронската картичка „скопска“. Според информациите од Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“, непозната група наречена „Карта за јавен превоз на Скопје“, неовластено го користела логото на „скопска“ и пласирала лажни линкови на интернет.

– Се работи за измама со лажен линк што краде податоци од платежните картички на граѓаните – тогаш нагласија од ЈСП.

Претходно пак, на 21 август годинава, исто така беше утврдена измама со електронската картичка „скопска“ на социјалните мрежи. И тогаш беше фалсификувано логото на електронската картичка „скопска“, објавено на социјалните мрежи од страна на група наречена „Транспортна карта на град Скопје“. Исто така се работеше за измама со лажен линк, што краде податоци од платежните картички на граѓаните.

На 2 октомври годинава, пак Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ извести дека била пријавена лажна дневна паркинг карта, при која се злоупотребени дизајнот и логото на претпријатието. На неа стоеше QR код кој требаше да се скенира и да се изврши онлајн уплата за истата, што водеше кон веб-адреса која нема поврзаност со ЈП ПОЦ  и е со цел преку измама да се извлечат парични средства. Од ЈП ПОЦ тогаш ги замолија граѓаните да бидат внимателни и ако забележат дневна паркинг-карта од овој тип веднаш да  известат.

Точно пред една година и од АД „Македонска пошта“ известија дека во нивно име граѓаните добиваат пораки на телефон дека нивните пратки нема да бидат доставени поради непотполна адреса и лични податоци. Оттаму информираа дека АД „Пошта на Северна Македонија “ не стои зад овие објави.

– Секое неовластено претставување во име на Пошта на Северна Македонија претставува класична злоупотреба и подлежи на кривична и друга законска одговорност. Единствено и официјално известување за достава на вашите пратки го вршат нашите пошторазнесувачи – изјавија од Пошта и истакнаа да се пријавува секој неовластен обид за злоупотреба на Пошта.

Исто така, на почетокот на оваа година имаше известување од Пошта дека не стојат зад објави во кои се нудат специјални кутии со различни производи за само 123 денари.

 – Повторно се злоупотребува името на Пошта, овој пат преку социјалната мрежа Фејсбук. Се работи за измамничка кампања која го користи логото на Пошта, а зад тоа стои лажна веб-страница која испраќа пораки. Сакаме да ги известиме нашите корисници дека Пошта на Северна Македонија не стои зад овие објави во кои се нудат специјални кутии со различни производи за само 123 денари. Ги молиме граѓаните да бидат крајно внимателни каде ги оставаат своите лични податоци, бидејќи АД Пошта на Северна Македонија не испраќа електронски пораки до своите корисници, ниту пак ваква кампања постои на нашата официјална веб-страница – наведоа од Пошта во соопштението. Оттаму потсетија дека секое неовластено претставување во име на Пошта претставува класична злоупотреба и е предмет за кривична и друга законска одговорност.

Интернет измамите се феномен со кој се соочуваат граѓаните во Македонија, но и во целата Европската Унија. Mинистерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, нa Регионалната годишна конференција за е-трговија која минатата недела се одржа во Скопје, посочи нов феномен на Инстаграм или на Фејсбук со формирање лажни профили на јавни личности како инфлуенсери, доктори, чиј идентитет е украден или злоупотребен. Андоновски повика ваквите случаи да се пријават за побрзо реагирање на државните институции и лажно креираните профили да се симнат од платформите многу брзо.

(А.П.)