Градскиот хор „Гортинија“, под диригентство на маестро Илија Атанасов, извесно време настапува на богослужбите по повод големите црковни празници во Гевгелија.
Оваа 2025 година, хорот ја започна својата концертна сезона со свечената Божикна литургија, што беше и прв културен настап оваа година во Градот Гевгелија, кој годинава е избран за Град на културата.
Во текот на богослужбите, хорот настапува со Литургијата по свети Јован Златоуст, од првиот македонски композитор, Атанас Бадев. Атанас Бадев (1860 – 1908) е најстариот македонски композитор и музички педагог со официјално музичко образование, автор на дела од православната музика, детски песни и аранжмани за народни песни. Во Русија го завршил Московското синодално училиште, а потоа студирал во Придворната пејачка капела на Санкт Петербург, под грижа на двајцата видни професори Милиј Балакирјев и Николај Римски-Корсаков. Автор е на Златоустовата литургија, сложена четиригласна композиција, која е првата македонска композиција, отпечатена во Лајпциг, во 1898 година, и е едно од најзначајните и најиздржани дела меѓу композициите од овој вид во јужнословенските земји, кон крајот на XIX век.
Еве што ни изјави диригентот Атанасов за важноста и тежината на ова значајно хорско дело:
Четиригласната хорска композиција за православните богослужби е едно од најсложените музички дела, кои бараат долг и интензивен процес на подготовка, за што е потребна неколкумесечна работа со интензивни и напорни хорски проби. Во текот на богослужбата, изведбата е уште покомплексна: хорот е во постојана комуникација со диригентот, како и на секој концерт, но во овој случај, и во синхронизација и со свештеникот што ја богослужи, како и со црковните псалти, нешто што бара неколкучасовна концентрација при изведбата. Ова значи прецизна координација и музичка извонредност, што го прави овој настап еден од најтешките и најсложени за реализација.
Во Македонија постојат само уште два професионални хора, кои редовно ја изведуваат првата македонска композиција во текот на богослужбите, хорот при Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје и хорот при храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, исто така во Скопје.
Хорот учествува на богослужбите по покана од гевгелиското свештенство, а по благослов на митрополитот повардарски, г. Агатангел.“
Градскиот мешан хор „Гортинија“ (античкото име на Гевгелија) е формиран 2006 година, како продолжение на првиот градски хор „Сава Михајлов“, раководен од професорот Атанас Атанасов.
Со својот квалитет, денес претставува еден од најдобрите мешани хорови во нашата земја. За тоа сведочат бројните домашни награди и признанија (ги освојува првите места на сите републички хорски натпревари) и меѓународните хорски натпревари, па затоа се вбројува меѓу вистинските културни амбасадори на Општина Гевгелија.