Со премиерата на францускиот филм „Грофот од Монте Кристо“ на 7 март, во 19 часот, во киното „Синеплекс“ во Скопје ќе започне одбележувањето на Месецот на франкофонијата 2025 во нашата земја. Месецот на франкофонијата ќе вклучува повеќе културни и образовни активности поврзани со францускиот јазик, а коишто во март ќе се одвиваат на повеќе локации во Скопје.

Програмата за оваа година, денеска во ЕУ инфо-центарот (Europe House) во Скопје ја презентираа претставници на Францускиот институт и неколку амбасади во Скопје, поточно францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, швајцарската амбасадорка Вероник Хулман, како и романската Моника Аксинте и грчката Софија Филипиду.

Покрај за програмата, амбасадорите проговорија и за универзалните вредности и принципи на франкофонијата, важечки не само за земјите членки на Меѓународната организација на Франкофонијата, каде што Македонија од 2006 е полноправна членка, туку и за сите земји кои го почитуваат францускиот јазик и јазичниот диверзитет, солидарноста, мирот, демократијата и човековите права како општествени вредности.

„Зошто секоја година во месец март ја славиме франкофонијата, нејзините вредности и што точно значи тоа? И зошто го правиме тоа заеднички, со амбасади каде што францускиот јазик е официјален? Затоа што франкофонијата е заеднички јазичен простор, но и простор на вредности со повеќе од 300 милиони говорници во светот. Тоа е меѓународна организација, не само лингвистичка, туку и политичка, во која членуваат 93 држави и влади. Промовирањето на францускиот јазик е главната алка во надворешната политика на Франција и затоа во светот имаме голем број на француски културни институти, а во Скопје тој постои веќе 50 години. Во рамки на активностите на Францускиот институт воспоставивме план за возобновување на интересот за учење на францускиот јазик и тоа во основните училишта и сакаме да ги охрабриме учениците да го одберат како втор странски јазик. Голема поддршка даваме и на билингвалните франкофонски паралелки кои постојат во гимназиите во Скопје, Битола, Неготино и Куманово“, истакна францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер на денешната прес-конференција.

Инаку, како дел од програмата, во рамки на Месецот на франкофонијата, во Скопје ќе се отвори и изложбата „Кога ги следевме сенките“ со уметничка средба со Наташа Неделкова (13 март, 18 ч., Француски институт); ќе се одржи и „Натпреварот по изразно читање“ (15 март, 13 ч., Кинотека); потоа Младинскиот франкофонски парламент „Имам став“ (20 март, 10 ч., Собрание); Неделата на франкофонски филм што ќе трае од 21 до 28 март, ќе се одвива во Кинотеката и ќе прикаже повеќе остварувања од различни земји од регионот; како и Денот на франкофонските култури, училишна активност што ќе се одвива во Паркот на франкофонијата на 21 март. Месецот на франкофонијата ќе се затвори на 8 април со Изложба на француската колекција 2 во Музејот на современата уметност во Скопје. Франкофонијата во Битола, пак, ќе се одбележи со концерт на францускиот пијанист Лоран Кулондр во рамки на Џез-фестивалот, на 17 април во Центарот за култура. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ