За изградба на заедничкиот железнички граничен премин Табановце, Македонија доби грант од 2, 4 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Претходно, за овој проект, ЕБОР одобри заем од 5 милиони евра, како и грант-средства од 250 илјади евра. Проектот предвидува изградба на нова заедничка зграда за потребите на Граничната полиција, Царината и на инспекциските служби на Македонија и на Србија, како и реновирање на постојните објекти на Табановце. Исто така, предвидена е изградба на нова патна и комунална инфраструктура

За изградба на заеднички железнички граничен премин Табановце, Македонија доби грант од 2, 4 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Договорот за грантот што го потпишаа вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, и шефот на канцеларијата на ЕБОР, Фатих Туркменоглу, е дел од инвестицискиот пакет од 7,6 милиони евра за изградба на заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија на Табановце. Претходно, за овој проект, ЕБОР одобри заем од 5 милиони евра, како и грант-средства од 250 илјади евра.

Проектот предвидува изградба на нова заедничка зграда за потребите на Граничната полиција, Царината и на инспекциските служби на Македонија и на Србија, како и реновирање на постојните објекти на Табановце. Исто така, предвидена е изградба на нова патна и комунална инфраструктура.

– Се работи за заеднички железнички премин меѓу Македонија и Србија. На овој начин ќе ја подобриме комуникацијата меѓу двете држави, затоа што ќе имаме „one stop shop“, покрај на патничкиот премин кога се патува со автомобили, автобуси и со камиони, истото ќе биде и во железничкиот дел, кога се патува со воз. Се надевам дека ова ќе биде вовед кон повторно воспоставување редовна патничка железничка линија меѓу Скопје и Белград, за што, секако, се потребни напори од двете страни – истакна министерот Николоски.

Според него, еден од главните економски крвотоци на државата е токму Коридорот 10, кој почнува на пристаништето Пиреа кај Атина и на солунското пристаниште.

– Коридорот 10 продолжува до Централна Европа, до државите како Унгарија, Австрија, Чешка и Словачка и практично со овој заеднички премин ќе се забрза движењето на добра и стоки во двата правци и за увоз во Европа, но, исто така, и за извоз од Европа. Ние се обидуваме навистина да придонесеме во тој дел, така што е големо задоволство. Ова ќе значи нови работни места, зголемена економска активност и, секако, побрз транзит на патници и на стока низ нашата држава, што, секако, ќе ја направи уште поатрактивна – истакна вицепремиерот Николоски.

Според планираната динамика, се очекува оваа година да се избере изведувачот и да се започне изградбата на заедничката железничка станица со придружните објекти и истата да се заврши во рок од две години.

(С. Бл.) – Фото: Ѕ.П.

 

ИЗДВОЕНИ