Градовите во регионот се меѓу најзагадените во Европа, оттаму е мошне важно да се работи на изнаоѓање решенија за намалување на емисиите на штетни гасови во јавниот транспорт преку употреба на „чиста енергија“, како електрична и водород. Ова беше потенцирано на меѓународната конференција „Green Urban Transport Solutions“ што се одржува во Охрид и каде што ќе може да се слушнат европските искуства и позитивните практики во областа на одржливиот и еколошки чист транспорт.
Од учесниците беше потенцирано дека транспортот, заедно со енергетиката, е еден од главните столбови на секоја економија, така што секоја политичка одлука треба да биде во насока на поголеми инвестиции во областа, како во замена на возилата за превоз така и во делот на интегралните решенија за транспортот во градовите и меѓу нив.
Што се однесува до загадувањето на воздухот, кое сè повеќе се јавува како проблем во градовите во земјата, беше посочено дека не е само транспортот фактор што влијае на загадувањето туку и дека е еден од факторите што сигурно влијаат на квалитетот на воздухот во урбаните средини и на животната средина во целина.
Професорот Методија Атанасовски од Техничкиот факултет во Битола побара поголема вклученост на факултетите во сите процеси, преку експертиза, мислење, студии, за да биде достигнато саканото ниво на развиеност. Според него, државата треба да размисли за подобрување на патната инфраструктура, а во рамките на градовите да се решат горливите прашања.
За експертите од ЕУ, намалувањето на емисијата на гасови од транспортните возила во градовите треба да се направи преку ставање електрични автобуси во сообраќај и сè поголема употреба на велосипедот како превозно средство. Исто така, државите да се поврзуваат меѓу себе преку железница и да се работи на подобрување на патната инфраструктура.
На собирот беше истакнато и дека мора да се надминуваат предизвиците во транспортот преку експертизи, студии, со донесување издржани решенија базирани на добри практики и знаења. Надим Беговиќ, во име на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, која работи на интегрирање на пазарот на транспорт на Западен Балкан со оној на ЕУ, истакна дека целта е обединет транспорт на континентот, со идентични стандарди.