Услугата вадење извод од ДУП е достапна за сите регистрирани корисници на ГИС порталот на општина Центар односно на (географскиот информациски систем). Со регистрација на https://gis.centar.gov.mk/NexusPublicPortal/PublicPortal/Map или преку страната на Општина Центар https://www.centar.gov.mk активна е опцијата за електронско поднесување барање за извод од ДУП, со што се олеснува и забрзува процедурата, без чекање на шалтери.
Регистрираниот корисник треба да го внесе бројот на катастарската парцела во алатката „Нарачај извод“ и да ги внесе потребните податоци.
Изводот се плаќа електронски и во рок од пет дена се добива по електронски пат, односно ќе пристигне на е-маил адресата на барателот.
Општина Центар потсетува дека со регистрација во ГИС-от корисниците добиваат и пристап до сите важечки детални урбанистички планови и пребарувања на градежните и катастарските парцели, за полесно лоцирање на потребниот простор.
-Воедно, на корисниците им се овозможува подетален преглед на ДУП-овите, со важни информации како што се: намена на градежните парцели, површината за градење, катноста, процент на изграденост, изработувач на планот, година на донесување – објаснуваат од локалната самоуправа.
Оттаму додаваат дека со регистрирање на ГИС порталот на Општина Центар, на граѓаните им се дава можност да се вклучат со свои идеи и барања во процесот на урбанистичкото планирање. Со избирање на точката од интерес, регистрираните корисници навремено ќе бидат информирани за организирање јавна анкета и јавна презентација на конкретниот ДУП за кој се заинтересирани.
За полесно менаџирање со основните училишта и градинки, кои се под надлежност на општината, ГИС-от е надграден со модул образование и реонизација, кој ги содржи основните податоци за истите.
-Општина Центар е првата општина која го воведе ГИС системот и од тогаш континуирано работи за надградба и усовршување на ГИС технологијата, сѐ со цел поголема транспарентност пред граѓаните, побрз пристап до информации, подобро управување со истите и поголема ефикасност во оперативното работење на секторите – децидни се од локалната самоуправа.