Студен снежен бран се надвиснува над Македонија, а Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, или познато како „Македонија пат“, во 5 до 12, избираше фирми за зимско одржување на државните патишта во земјава.

Според информации на весникот ВЕЧЕР, денеска се одржаа електронските аукции за ангажирање фирми за чистење снег за државните патишта што се наоѓаат на територијата што ги покриваат петте подружници на „Македонија пат“, а тоа се Скопје, Битола, Велес, Штип и Автопат. Повикот за јавната набавка беше објавен на 26 септември годинава.

За разлика од минатите години кога „Македонија пат“ распишувало посебна набавка за секој зимски пункт, што е логично, затоа што локална фирма може да одржува еден пункт, но не може да ја одржува целата држава, годинава тендерот се распишува во пет делови, наместо досегашните 37 дела, со што значително се намали конкуренцијата.

Дополнително отежнувачки се условите и гаранцијата, која е значително поголема кога набавката е поделена на пет делови, наместо на 37, за секоја подружница посебно, за што се бараат и специјални услови за учество на тендерот. Во јавно достапните податоци на веб-страницата за јавни набавки, нема определена максимална цена на огласот, со што се остава простор за значително покачување на цените во споредба со пазарните цени и со вредноста на договорите изминатите години.

Во набавката се определуваат и услови за учество и тоа:

ЗА ДЕЛ 1- Минимум еден договор успешно реализиран за одржување на јавни патишта (локални, регионални, магистрални и автопатишта) во зимски услови со вредност не помала од 10 милиони денари со ДДВ во последните 5 години. За ДЕЛ 2-  треба да е 55 милиони, за ДЕЛ 3 – да е 19 милиони, за ДЕЛ 4 – да е 17 милиони и за ДЕЛ 5- 26 милиони денари.

Исто така, согласно тендерската документација, за компанијата која ќе биде избрана на тендерот да може да ја изврши работата: За дел 1 потребни се 8 камиони, плус три камиони по повик, еден грејдер и еден натоварувач; за дел 2 – 46 камиони, 4 снегочистачи, 3 булдожери, 3 грејдери, 6 натоварувачи, два ровокопачи; за дел 4- 28 камиони, 5 натоварувачи, еден грејдер и за дел 5 – 29 камиони, два натоварувачи и еден грејдер.

Многу од фирмите, кои минатите години учествувале и добивале работа на тендерите на „Македонија пат“, велат дека оваа година вредноста на тендерот е зголемена за 40 милиони денари, со што прагот за учество е подигнат и со оглед на погоре посочените услови, не можеле да учествуваат на денешните јавни аукции.

Тие велат дека прагот е подигнат за да се фаворизира една компанија, односно работата да ја добие фирма од Тетово за целата територија на државата. Нагласуваат дека тетовската фирма не ги исполнува условите бидејќи имала само двајца вработени и шест камиони и го немала потребниот број на механизација како што се бара во тендерот, а за поддршка позајмува машини од други фирми од Косово и од Струга. 

Подружница Скопје ги опфаќа следните правци и нивните региони: Дебар – Гостивар – Тетово – Скопје – Куманово – Крива Паланка и одржува патна мрежа со околу 1.150 километри. Подружницата Битола ги опфаќа следните правци и нивните региони: Битола – Прилеп – Охрид – Ресен – Струга – Кичево и одржува патна мрежа со околу 1.300 километри.

Според информациите на весникот ВЕЧЕР, работата во овие две подружници ги добила тетовска фирма, бидејќи била единствен учесник на аукцијата. Оваа фирма се тркала со уште една фирма за подружницата „Автопат“, што го опфаќа патниот правец Коридор 10 т.е. од граничен премин „Табановце” до Граничен премин „Св. Богородица” – Гевгелија, што е должина од 294 километри. Во тесна конкуренција втората фирма ја добила работата за оваа подружница.

Интересна била трката на две фирми за делот „Штип“, што ги опфаќа патните правци Штип – Кратово – Пробиштип – Кочани – Виница – Мак. Каменица – Делчево – Берово – Струмица што е околу 1.150 километри, бидејќи на наддавањето цената значително била намалена.

(С.Бл.)