Минатата година вкупно 1, 1 милион евра преку Министерството за транспорт беа доделени на општина Кавадарци за инфраструктурни проекти, а на наредната владина седница ќе се донесе одлука за дополнителни 1 милион евра за реализација на водоводни системи за две населени места во Кавадарци, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски од Кавадарци, каде што со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот Митко Јанчев, извршија увид во реконструкција на патниот правец Дабниште – Ресава, проект што се реализира од неповратните средства што Владата им ги додели на општините за реализација на капитални проекти.

– За оваа година повикот беше отворен и очекувам во следниот период да дојдат апликациите, а она што можам да го најавам е дека на следната владина седница очекувам околу 1 милион евра дополнителни средства да поминат донација за водоводни мрежи кои што треба да бидат изградени во село Строгово и село Сопот кои ќе помогнат за подобрување на животот на граѓаните.  И уште една работа,  ние во тек на јануари бевме во близина на Кавадарци и пуштивме дел од експресниот пат од Градско до Прилеп, односно делницата Градско-Дреново. Можам да кажам дека интензивно се работи на делницата Дреново – Фариш, на заштита на косини, на решавање на безбедносни проблеми и за многу скоро време можеме да видиме отворање и на таа делница – изјави Николоски.

Мицкоски честиташе што општината Кавадарци со поддршка на пратениците од овај град со макотрпна работа ги подготват проектите, а потоа аплицираат.

– Како резултат на тие апликации се понатаму и овие проекти кои ги реализираме. Ние како Влада ќе продолжиме преку министерствата да помагаме во општините, бидејќи тоа е наша цел, да се гради, помалку да зборуваме, а повеќе да работиме. И еве тука сведочиме нова канализација, нов пат, нов асфалт, претходно и водовод, приклучоци за жителите на ова населено место – рече Мицкоски.

ИЗДВОЕНИ