Прашавме скопјани кој што ќе слави и впечатокот е дека помладите ќе го прослават Валентин, а повозрасните со својата љубов ќе се напијат добро вино дома или во некој ресторан и ќе наздрават за љубовта. Трети, пак, сметаат дека не треба да се чекаат овие два празника на своите најсакани да им се искаже колку ни значат или, пак, овој ден да биде изговор за пијанчење. Оние, пак, што немаат партнерка, ни рекоа дека со другарите го прославуваат Свети Трифун

Денеска е 14 февруари, ден кога традиционално вљубените ќе ги прослават празниците Св. Валентин и Св. Трифун. И за двата празника кои паѓаат во ист ден, заедничко им е „пијанството“. Првите од љубов, a вторите од доброто вино.

Прашавме скопјани кој што ќе слави и впечатокот е дека помладите ќе го прослават Валентин, а повозрасните со својата љубов ќе се напијат добро вино дома или во некој ресторан и ќе наздрават за љубовта. Трети, пак, сметаат дека не треба да се чекаат овие два празника на своите најсакани да им се искаже колку ни значат или, пак, овој ден да биде изговор за пијанчење.

Студентот Сашо вели дека на својата девојка ќе ѝ подари бонбониера во форма на срце и плишано мече, а вечер ќе наздрават со чаша добро вино. Тој смета дека на тој начин ќе ги испочитува двата празника. Никола пак, вели дека со сопругата се во брак над 25 години и сè уште се сакаат како првиот ден кога се запознале. Тој сопругата традиционално, како и секоја година на овој ден, ќе ја однесе на вечера во нивниот омилен ресторан и таму ќе наздрават со чаша вино за нивно здравје и на нивните најмили. Никола смета дека искажувањето љубов кон саканата не треба да биде само на овој ден, туку тоа треба да се прави постојано без да се има посебен повод.

Скопјанецот Стојче, пак, не ги сака празниците како Св. Валентин и начинот на кој се прославуваат, ниту пак, традиционалното празнување како Св. Трифун, кој некогаш и самиот го користел како изговор за пијанчење. За него, љубовта и виното постојат 365 дена од годината и не се потребни материјализирани интерпретирања во форма на празници.  

А трговците тријат раце и од овој празник, па во продавниците и маркетите веќе има подготвени најразлични подароци. Освен плишани мечиња и црвени перничиња во вид на срце, што се наменети пред се за тинејџери, малку повозрасните на својата партнерка им подаруваат црвена долна облека, парфем, а оние со поплиток џеб може да поминат и со по еден цветен букет или, пак, со една роза или книга. Една цвеќарка на Цветниот пазар во Скопје вели дека од година во година на овој ден сè повеќе се продаваат цвеќиња, па затоа ги наполниле продавниците со разни видови по цени за секој џеб. Оттаму рекоа дека најмногу за Св. Валентин се бараат рози.

Оние, пак, што немаат партнер, со друштво ќе го слават Свети Трифун во кафеана, а потоа ќе фатат некоја шема низ градот. Прашавме во некои скопски кафулиња и ресторани дали се резервираат места за денот на вљубените. Велат дека младите претежно резервираат во кафулињата и секоја година им излегуваат во пресрет, додека пак, во кафеаните и рестораните традиционално со добро вино и музика се слави Свети Трифун.

Во секој случај, ако сакате да го одбележите овој ден, отворете шише добро вино, гушнете го оној што го сакате и уживајте во љубовта.

Валентиново датира од времето на старите Римјани

Денот на вљубените или Валентиново се одбележува уште од времето на старите Римјани и се поврзува со прославувањето на денот на нивниот бог Луперциј кому му се молеле да ги заштити од крволочни волци кои лутале по блиските шуми. Во негова чест, тие почнале да одржуваат фешта што се одржувала на 15 февруари. Еден од обичаите на тогашните млади било испишување на имиња. Во пресрет на денот на Луперциј, имињата на римските девојки биле запишувани на ливчиња хартија и биле оставани во стаклен сад, секое момче требало да извлече по едно ливче. Девојката што ќе била извлелечна од момчето станувала негова „драга“ за таа година. Подоцна тој ден бил наречен Валентиново, по римскиот свештеник Валентин.

Сè до 1969 година денот на Свети Валентин се славел на 14 февруари, како спомен. Потоа, Денот е избришан од католичкиот календар,

На Свети Трифун се закројуваат лозјата за богат род

Свети Трифун се смета за заштитник на полските посеви и затоа винарите го слават како свој патрон и на неговиот ден одат на лозјата, ги закројуваат лозите и ги залеваат со вино, за да му ја вратат малаксаната снага на лозјето, по долгото зимско мртвило и за бујно да напредува во пролетта што наидува.

Го слават и крчмарите, а речиси сите винарски визби организираат прослави по тој повод за според верувањето – да има богат род. Така, во црквата во Кучково, Скопско, која го носи името на светецот свети Трифун и годинава традиционално ќе се одбележи празникот. Сабајлево во 9 часот ќе се одржи празнична богослужба, а потоа следи молебен и закројување на лози од свештениците. Во истоимената црква во скопско Ајватовци свечената литургија ќе почне во 7:30 часот, а во 10 часот е свеченото закројување на виновата лоза. Потоа ќе има избор на најдобро вино и ќе има црковен ручек.

Во највинскиот крај во Македонија, Кавадарци, празнувањата на Свети Трифун почнаа од пред некој ден со топол чај и дегустација на вино на Градскиот плоштад и со македонски песни. Во рамки на „Недела на вино и традиција“, која е под покровителство на градоначалникот и Советот на Општина Кавадарци, библиотека „Феткин“ организираше промоција на стихозбирката „Домот на љубовта“ од кавадарчанката Анита Бошкова. Додека, пак, Комисијата за еднакви можности на Општина Кавадарци го прославија Свети Трифун на еден уникатен начин, со женска енергија, креативност, поезија, уметност, дегустација и избор на најдобрите деликатеси со вино.

Во некои краишта на Македонија, како што се Охрид и Прилеп, празникот е познат и како свети Трипун (или Трифун) – пијаницата. Како што забележале собирачите на македонски народни умотворби, но и на народните обичаи и верувања, тој бил покровител на меанџискиот еснаф, но и заштитник на лозарите и градинарите. Се верувало дека тој ги штити лозјата и градините од разни штети и несреќи (болести, инсекти, градоносни облаци и сл.), поради што луѓето го славеле и во негова чест изведувале многу интересни обичаи. Д-р Марко Китевски во книгата „Македонски празници“ пишува дека Свети Трифун се празнува на 1. сечко, според стариот, или на 14 февруари, според новиот календар.

– Во повеќе краишта на Македонија на овој ден рано наутро се одело во црква каде што попот пеел молитва и светел вода. Од оваа вода, за која се верувало дека со осветувањето е ослободена од сите негативни демони и дека има лековита моќ, луѓето земале во шишиња и ги прскале лозјата, при што го изведувале и обредното закројување – пишува во книгата „Македонски празници“.

Во Скопско, како што забележал М. Кратовалиев, во запис од 19 век, на тој ден по црквите крштевале вода и од таа вода секој селанин си носел по лозјата заедно со пепел. Во лозјето ќе турел малку од пепелта и ќе полеел од крстената вода. Водата ја поливал за да има бериќет, а пепелта за да „испрхнува“, т.е. да бидат поголеми зрната на гроздовите. Потоа закројувале по неколку лозинки, по што седнувале, се гоштавале и правеле големи веселби. На овој ден лозарите приредуваат и ручек и ги повикуваат и случајните минувачи, бидејќи се смета дека на домаќинот и целата куќа тоа ќе му донесе среќа.

На денешен ден, кога се прославува православниот празник Свети Трифун, се верува дека ако на Свети Трифун паѓа дожд, годината ќе биде родна, а најдобро ќе родат сливите. А, ако биде ведро, годината ќе биде сушна и неродна.

На овој ден именден празнуваат: Трифун, Трајан, Трајко…

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ