Со „Дај, дај ми дај“ Калиопи ја заокружува успешната 2024 година/ВИДЕО

246

Оваа 2024 година беше повеќе од добра и успешна година за нашата поп дива Калиопи. На почетокот на годината заедно со нејзиниот продуцент Ромео Грил го издадоа новиот албум наречен „Албум“, кој на крајот на мај беше промовиран со четири нови спотови. На овој начин тие одбележаа 40 години заедничка соработка.

Таа во текот на летото уживаше со својата публика во Македонија на големите концерти во Охрид и Битола, завршувајќи со голем концерт во преполната арена „Борис Трајковски“ во Скопје, каде уште еднаш го  потврди степенот на поврзаноста меѓу неа и публиката, како и важноста на музиката што ја создаваше сите овие години наназад, се до денес.

Пред големата подготовка за регионалната турнеја, во која веќе закажаниот концерт во салата МТС во Белград на 8 март, Калиопи реши да ја заврши годината со уште едно изненадување за својата публика. Таа го сними и седмиот спот за песна од новиот албум наречен „Дај, дај ми дај“.

Калиопи го напиша текстот, музиката и аранжманот се на Ромео Грил, а спотот го потпишува Мелем продукција. Со ова видео Калиопи сака на сите да им ги честита новогодишните и божиќните празници.

„Среќна сум и благодарна што имав многу добра и успешна година и токму затоа сакав некако да им се заблагодарам на сите што придонесоа за оваа среќа, а во исто време да испратам порака до луѓето – никогаш да не престанат да веруваат во себе, во добрите луѓе, добри работи и да им ги прават на другите. Песната „Дај, дај ми дај“ нека биде потсетник за сите нас – секогаш да веруваме во себе и во она што го сакаме“, вели Калиопи.

 

ИЗДВОЕНИ