Со царини од 25 проценти за увоз на челик и алуминиум, САД му објави трговска војна на светот

16

Трамп рече дека овие давачки ќе важат за „секој челик и алуминиум што ќе влезе во САД“ и додаде дека во вторник или среда ќе објави „реципрочни тарифи“ за одредени земји, кои ќе стапат на сила „речиси веднаш“ по објавувањето

 

Откако воведе царини за Кина, американскиот претседател Доналд Трамп продолжи да потпалува глобална трговска војна, засега сè уште со зборови и закани.

Тој изјави дека за вчера планирал да објави царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД, што предизвика реакции во Европа и дел од светот. Трамп рече дека овие давачки ќе важат за „секој челик и алуминиум што ќе влезе во САД“ и додаде дека во вторник или среда ќе објави „реципрочни тарифи“ за одредени земји, кои ќе стапат на сила „речиси веднаш“ по објавувањето.

-Многу едноставно, ако ни наплатат, ние им наплатуваме, им рече Трамп на новинарите кои патуваа со него во претседателскиот авион на финалето на Супер Боул, пренесе Би-би-си.

Трамп не прецизираше кои земји ќе бидат цел, но изјави дека тоа нема да има големо влијание врз земјите кои веќе имаат „слични царини“ како САД.

-За оние кои ќе ги искористат предностите на САД, ќе имаме реципрочни царини, рече тој.

Би-би-си наведува дека Канада и Мексико се двата најголеми трговски партнера на САД кога станува збор за челик и дека Канада е најголемиот снабдувач на САД со алуминиум и дека најмногу ќе биде погодена од новите мерки. За време на неговиот прв мандат, Трамп воведе царини од 25 отсто за увоз на челик и 10 отсто за увоз на алуминиум од Канада, Мексико и ЕУ, но една година подоцна беше постигнат договор со Канада и Мексико за укинување на тие царини, додека давачките за увозот од ЕУ останаа на сила до 2021 година.

Франција ќе ја повика Европската унија да одговори на најновите царини објавени од американскиот претседател Доналд Трамп, изјави вчера францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро. Тој за телевизијата ТФ1 рече дека Франција и нејзините европски партнери не треба да се колебаат да ги бранат своите интереси пред заканите од американските царини.

Европската комисија реагираше по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за царини за увоз на метали во САД и најави дека ќе реагира за да ги заштити интересите на ЕУ, но, нема да реагира додека не добие детални објаснувања за овие мерки.

-ЕУ не гледа оправдување за воведување царини за својот алуминиум и челик. Ќе реагираме за да ги заштитиме интересите на европските компании, работници и потрошувачи од неоправданите американски мерки, се вели во соопштението на Европската комисија.

Како одговор, Даг Форд, премиерот на провинцијата Онтарио, во објава на интернет го обвини Трамп за „поместување на столбовите и постојан хаос, ставајќи ја економијата на земјата во ризик“.

Австралиската влада ќе се обиде да ги убеди САД да ја исклучат Австралија од групата земји кои ќе подлежат на царини за извоз на алуминиум и челик, изјави вчера премиерот Ентони Албанес во австралискиот парламент. Австралискиот министер за трговија Дон Фарел изјави дека извозот на австралискиот челик и алуминиум во Соединетите држави обезбедува „добро платени американски работни места“ и е од клучно значење за заедничките одбранбени интереси, пренесува „Ројтерс“.

ИЗДВОЕНИ