Деновиве, Драмски театар ја објави годишната програма за работа поддржана од Министерството за култура и туризам за 2025, во која, во делот за продукција, се планираат пет претстави со буџет од 5.900.000 денари. Претставите се копродукцијата „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ во режија на Иван Пеновиќ, „Болва во уво“ во режија на Синиша Евтимов, „Куршуми над Бродвеј“ на Ненад Витанов, „Чворот на Гидон“ во режија на Драгана Милошевска-Попов, како и „Ифигенија за ништо“ во режија на Филип Петковски, за која веќе почнаа првите проби

„Ифигенија за ништо“ е првата претстава што започна да ја подготвува ансамблот на Драмски театар Скопје во 2025 година и по објавувањето на Годишната програма на оваа институција за оваа година. Претставата по текстот „Ифигенија од Авлида“ од Еврипид се работи со адаптација, режија и кореографија на Филип Петковски. Како што посочува режисерот Петковски, претставата дава современ и постдрамски пресврт на приказната на Еврипид.

– Со поставување на наративот во современото општество во кое живееме, се прави паралела помеѓу антиката и современото време во кое живееме. Оваа адаптација се обидува да ги истакне безвременската природа на овие теми и нивната важност во денешниот свет – истакнува Петковски во драматуршката белешка.

Прва проба за претставата „Ифигенија за ништо“

Ликовите во претставата ги толкуваат актерите од Драмски театар: Димитрија Доксевски, Филип Трајковиќ, Јелена Жугиќ, Нина Елзесер, Стефан Вујисиќ, Сара Климоска, Марјан Наумов и Томислав Давидовски. Хорот го сочинуваат актерките Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова-Бубања и, како гостинка, Јована Миладинова. Мартин Манев ја подготвува сценографијата, костимограф е Антонија Гугинска-Јорданоска, музиката е на композиторот Борис Харфман од Хрватска, а фотографијата на Марко Марјановиќ.

Како што информираат од Драмски, премиерата на „Ифигенија за ништо“ е планирана за почетокот на април.

Од Драмски воедно потсетуваат и дека е во тек конкурсот за доделување на наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор, кој трае до 20 февруари. Конкурсот има цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо, а пријавувањето и условите се објавени на веб-страницата на Театарот.

Инаку, деновиве, Драмски ја објави и Годишната програма за работа поддржана од Министерството за култура и туризам.

Како посочија во соопштението, Министерството за култура и туризам деновиве ги доставило решенијата со кои се утврдува висината на финансиските средства за работа на осумнаесетте национални установи, меѓу кои и Драмски театар.

– Согласно со Законот за култура, Годишната програма за работа на националните установи на кои им е наменет делегираниот буџет, ја донесуваат директорите на установата, по претходна согласност на Управниот одбор, во рок од 15 дена од донесувањето на решението, по што Министерството за култура и туризам и директорот склучуваат договор за финансирање на Годишната програма за работа на Националната установа. Со Годишната програма за работа на НУ Драмски театар Скопје, во делот за продукција, се планираат пет претстави, за кои е обезбеден буџет од 5.900.000 денари. Средствата ќе бидат распределени крајно избалансирано и одговорно, согласно со неопходните естетски критериуми, кои мора да соодветствуваат на нивото и реномето на Драмски, посочуваат од Театарот.

Петте претстави што е планирано да бидат реализирани во 2025 се: „Животот на провинциските плејбои по Втората светска војна“ од авторот Душан Јовановиќ, во режија на Иван Пеновиќ (голем копродукциски проект помеѓу неколку ансамбли, членки на Регионалната унија на театри – РУТА: Драмски театар Скопје, Местни театар Љубљана – МГЛ, Белградски драмски театар – БДП и „Град театар“ од Будва), а за копродукцијата е предвидено финансирање од 2.000.000 денари. Потоа, за новата постановка на култната „Болва во уво“ на Жорж Фејдо, во режија на Синиша Евтимов, се планира вкупна сума од 1.300.000 денари, за „Куршуми над Бродвеј“ – адаптација по филмот на Вуди Ален, во режија на Ненад Витанов – износ од 1.200.000 денари, за „Ифигенија за ништо“ – адаптација по текст и режија на Филип Петковски – сума од 850.000 денари и за претставата „Чворот на Гидон“ од авторот Џон Адамс, во режија на Драгана Милошевска- Попов, вкупна сума од 550.000 денари.

– Во Годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам, во делот на организација на манифестации, и годинава е планиран фестивалот РУТА. Четвртото издание на фестивалот на Регионалната унија на театри ќе се одржи во Драмски, од 25 до 30 октомври, со планирана вкупна сума од 1.500.000 денари.

За ставката меѓународна соработка што ги опфаќа гостувањата на ансамблот на Драмски театар во странство, се планирани средства во висина од 2.000.000 денари. Во делот за издавачка дејност на Драмски, Министерството го поддржува издавањето на „Театарски гласник“, како најзначајна годишна публикација што ја сублимира севкупната продукција на националните театри и драмска програма на најрепрезентативните фестивали во Македонија во една сезона. За издавачка дејност се планирани 150.000 денари, додаваат од Театарот.

Годишната програма на НУ Драмски театар Скопје, согласно со законската обврска, е јавно објавена на веб-страницата на Театарот. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ