– Категорично ги отфрлам лагите и скандалозната изјава на Данела Арсовска дека сум знаела за пожарот во Универзална сала и не сум пријавила. Веста за пожарот за многу кратко време ги преплави социјалните мрежи и кога слушнав, во истиот момент се упатив кон Универзална сала – рече на денешната прес-конференција министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која се закани дека ќе се види со скопската градоначалничка на суд, за личните навреди упатени кон неа.

– Обвинувањата што ги насочува таа лично кон мене, со нејзиното многу лошо сценарио за филмот „Универзална“, не заслужуваат внимание, затоа што тоа е една измислена приказна. Инсинуирањето на Арсовска дека сум знаела за пожарот, а не сум пријавила, низата небулози, изјави кажани на пресот, во следните денови ќе бидат предмет пред судските инстанци, па самата таа ќе има можност подетално да објасни за изнесените тврдења за мене, врзани со Универзална сала. Такви клевети дека јас сум знаела, таа да претпоставува кој кога пријавил пожар, се само предмет да го решиме преку суд. Па да видиме, кога веќе сака да биде обвинител и истражител, нека повели – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Таа, еден по еден, ги покажуваше документите за Универзална сала, меѓу кои и мислење од ИЗИИС за безбедноста, која Арсовска ја доведе во прашање, а потпишано токму од неа. Таа ги оцени таквите тврдења на градоначалничката како лаги, скандалозни и обид да се манипулира со чувствата на граѓаните, кои ѝ ја дале довербата да го води Градот.

– Проектот за Универзална сала сега стана небезбеден за Арсовска, а претходно таа има потпишано документи за негова реализација. Градот направи пресметка за комуналии и имаме потпишан договор за комуналии. Постојат позитивни мислења за безбедноста, вклучително и од ИЗИИС, и Арсовска го знае тоа – децидна е министерката.

Смета дека со обвинувањата Арсовска се обидува да ги скрие својот неуспех и неспособноста за реконструкција на Универзална сала.

– Не само што ја остави да пропадне туку направила штета од 330 илјади евра – пари што биле наменети за реконструкцијата, ги потрошила за да плати трошоци во судски спор. Вистината е далеку од тоа што го зборува Арсовска и што сака да ѝ го претстави на јавноста, која без срам ја користи Универзална сала за политиканство и медиумска манипулација. Нема да успее Арсовска да ја спречи реконструкцијата на Универзална сала. Тој процес започна и граѓаните ќе го имаат одново симболот на солидарно и културно Скопје – рече министерката за култура.

Таа нагласи дека барањето од градоначалничката за раскинување на договорот за преземање на Универзална сала што го добил нејзиниот Кабинет, не е законско.

– Сите одлуки што се поврзани со имотот на Град Скопје и граѓаните, се одлуки што ги носи Советот, односно советниците, а не лично таа. Во таа насока, нејзиното барање за еднострано раскинување на договорот, кое завчера пристигна до мојот Кабинет, не може да има никакво правно дејство, бидејќи истото треба да е донесено од Советот на Скопје. Доколку Советот одлучи да го раскине договорот со Министерството за култура, Градот ќе мора да ги врати сите средства што досега сме ги вложиле од државниот буџет, а се сомневам дека Градот во овој момент има капацитет за тоа – рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Министерката не знаеше да каже каде е осигурено градилиштето на Универзална сала оти тоа го направил изведувачот, а не Министерството како инвеститор и истакна дека во Град Скопје, за реконструкцијата, доплатиле 146.000 денари за комуналии за дополнителна деловна површина.

Арсовска денеска на нова прес-конференција рече дека министерката за култура не дала одговор на ниту едно од нејзините прашања што таа ги постави на прес-конференцијата во вторникот, вклучително и кога и каде е осигуран објектот и по кој проект продолжила реконструкцијата, како и дека ИЗИИС во февруари годинава го укинал одобрението за сеизмичка заштита.

– Министерката кажува лаги и ја побива својата изјава дадена за време на пожарот, а која ја пренесоа медиумите – рече Арсовска и праша зошто веднаш не била повикана Противпожарната бригада да интервенира.

Според неа, министерката за култура  не дала одговори, но затоа се заканува со тужби.

– Заканите нема да и пројдат – рече таа и истакна дека намерата и е сите манипулативни напади кон неа, да ги разобличи.

Во продолжение Арсовска се осврна на упадот во ЕСЈН системот за јавни набавки на Биро за јавни набавки.

(С.Бл.)