Уште еден тендер за набавка на нафта на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) е поништен. Бил пријавен еден оператор, кој не доставил банкарска гаранција. ЈСП интервентно склучило договор за набавка на нафта во вредност од 120 милиони денари, односно речиси два милиона евра. Имало само еден понудувач, според јавно достапните информации, тоа била компанијата „Пуцко петрол“, која била избрана во оваа набавка без тендер. Оваа итна постапка била одобрена од Бирото за јавни набавки, по налог на Владата. Ова денеска, на прес- конференција, го обелодени координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева. Во името на советничката група на СДСМ, таа најостро реагираше на, како што вели, продолжувањето на политичките игри во Град Скопје околу јавниот превоз, потенцирајќи дека политичките пресметки меѓу премиерот Христијан Мицкоски и скопската градоначалничка, Данела Арсовска, се врз грбот на граѓаните на Скопје и смета дека мора да прекинат
Уште еден тендер за набавка на нафта на јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) е поништен, затоа што се пријавил само еден оператор, кој не доставил банкарска гаранција.
Но, за да не останат автобусите во гаража, ЈСП без тендер, интервентно, склучи договор за набавка на нафта во вредност од 120 милиони денари, односно речиси два милиона евра. Имало само еден понудувач, според јавно достапните информации, тоа била компанијата „Пуцко петрол“, која била избрана во оваа набавка без тендер. Оваа итна постапка била одобрена од Бирото за јавни набавки, по налог на Владата.
Ова денеска, на прес-конференција, го обелодени координаторката на советничката група на СДСМ, Љубица Јанчева.
Во името на советничката група на СДСМ, таа најостро реагираше на, како што вели, продолжувањето на политичките игри во Град Скопје околу јавниот превоз, потенцирајќи дека политичките пресметки меѓу премиерот Христијан Мицкоски и скопската градоначалничка, Данела Арсовска, се врз грбот на граѓаните на Скопје и смета дека мора да прекинат.
– За да биде лицемерството поголемо, токму постапката околу тендерот се спореше од власта, минатата недела и ЈСП остана без нафта, а граѓаните без превоз. И тогаш и сега стануваше збор за ист оператор – истакна Јанчева, повторувајќи дека политичките игри на ВМРО-ДПМНЕ и кавгите на релација Мицкоски – Арсвоска се главна причина за тоа што граѓаните на Скопје немаат превоз, немаат град.
– Скопјани се жртви на неспособноста и на меѓусебните кавги меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска – нагласи Јанчева, која, од името на СДСМ, побара веднаш да прекинат овие пресметки и блокади, власта да ја преземе својата одговорност и да им помогне на граѓаните на Скопје наместо да им одмага.
Премиерот Мицкоски изјави дека доколку не се реши конечно проблемот со јавниот превоз во главниот град, размислува да му се одземат ингеренциите на Град Скопје врз ЈСП.
– Се бараше од Бирото за јавни набавки да се даде позитивно мислење, спогодба во четири очи, односно непосредна спогодба, и се случи тоа. И се овозможи тоа. Другото е сега до Градот. Се разбира дека ние нема да седиме како Влада и немо да набљудуваме. Но, ајде да дадеме шанса, да видиме денес, утре, да видиме да не има некаква набавка, да не се премислат како оператори. Ако не, со позајмица, ние, како Влада, мора да интервенираме – истакна Мицкоски.
Но, тој потенцираше дека не може во недоглед вака.
– Навистина треба да се поведе многу повеќе сметка околу процесот на децентрализација, бидејќи ако некој не може да го прави тоа, тогаш да интервенираме законски барем, да ги преземеме ингеренциите, да ја стабилизираме состојбата – потенцираше Мицкоски.
На претходниот тендер имаше само еден пријавен понудувач, „Пуцко петрол“, но поради некомплетна документација, тендерот беше поништен, по што автобусите останаа без нафта и речиси и да престанаа да возат неколку дена, пред да интервенира државата од стоковните резерви. Инаку, финансиската полиција сè уште ја „чешла“ документацијата за претходните два тендера за набавка на гориво. Исто така, директорот на ЈСП потврди дека е блокирана сметката на претпријатието поради долг кон фирмата набавувач на нафта.
(А.П.)