„Поставката ги истакнува само делата изработени од природни материјали, како и дела кои го одразуваат ангажманот на уметниците со природата. Таа се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на горливите еколошки прашања од времето на Капиталоценот“, велат од МСУ –Скопје како најава на изложбата „Ткаење светови: Колекции во разговор“ која во Љубљана ќе биде отворена на 24 април
Вкупно 87 уметнички дела од колекцијата на Музејот на современа уметност во Скопје, во најголем дел од македонски автори, ќе биде претставена во Љубљана на изложбата насловена „Ткаење светови: Колекции во разговор“. Проектот кој ќе се реализира во Модерна галерија + Музеј на современа уметност „Метелкова“, во Љубљана, е во рамките на програмата од национален интерес на Министерството за култура и туризам на РС Македонија и конципирана е како реципроцитетна изложба. Куратори на изложбата се Ивана Васева, Благоја Варошанец, Ива Димовски и Владимир Јанчевски од МСУ-Скопје и Бојана Пишкур од Љубљана.
„’Ткаење светови: Две колекции во разговор’ ја градат дела од 87 автори и тоа најмногу од РС Македонија и од речиси сите поранешни југословенски републики (посебно во делот на наивната уметност), дополнети со дела од уметници од: Бразил, Полска, Боливија, Судан, Уругвај, Албанија, Јапонија, Јужноафриканска Република, Иран, Куба, Шпанија и од Романија. Изложбата е резултат на конструктивен дијалог помеѓу специфични колекции – колекцијата на солидарноста на МСУ-Скопје и колекцијата „Артист 2000+“ како и националната колекција на Модерна галерија, Љубљана. Поставката ги истакнува само делата изработени од природни материјали, како и дела кои го одразуваат ангажманот на уметниците со природата. Таа се фокусира на еманципацијата на уметничките медиуми, истражувајќи го односот помеѓу културата и природата, додека критички се осврнува на горливите еколошки прашања од времето на Капиталоценот“, велат од МСУ–Скопје.
Инаку, кураторите како појдовна точка го земаат антропоцентричното надвладување на природата под влијание на капиталистичките апетити кои ја искористиле природата речиси до последните капацитети.
„Потценувањето на важноста на релацијата човек – нечовек, култура – природа, нè доведе до досегашната асимилација и уништување на природата. Антропоценот или Капиталоценот сфатен како прекумерно влијание на човекот во природата под влијание на ексцесивните апетити на капиталот ја измени структурата на природата до ниво на речиси целосно исчезнување. Дали веќе експлоатацијата на природата и екстракцијата која нè води во катаклизма го бара назад спасот во сè уште преживеаните и драгоцени искуства на симбиозата на човекот со природата? Но, што е тоа што земјата, водата, отфрлените дрва, волната, живиот свет – вончовечкото – може да нè научат ако внимателно слушаме, т.е. ако не се поставиме како узурпатори, туку како соработници, како можност за етичко поврзување кое конституира мрежи на интерконекција со сите форми на живот?“, го објаснуваат кураторите својот концепт.
Изложбата во Љубљана зборува преку три сегменти. Таа произлегува од делот „Заборавен свет“ – дела кои користат природни материјали: земја, вода, отфрлени дрва, волна, живиот свет или пак реферираат на нив во конципирањето. Делот насловен „Свет налик“ го градат инсталации инспирирани од односот кон природата или тематски или визуелно, користејќи ги ресурсите на локалното поднебје, на некаква локална продукција која секогаш била во спрега со традиционалното (означено како народна традиција). Навраќајќи се на односот кон природата „Свет во настанување“ го градат дела од наивната уметност и дела кои се стремат кон враќање на односот кон природата и се критички кон индустријализацијата и искористувањето на природата. Сите 87 дела се групирани во овие три категории.
Отворањето на изложбата во Љубљана е закажано за 24 април во 20 часот и ќе трае до 8 февруари 2026 година. Наесен дел од колекциите на словенечкиот музеј ќе биде изложен во Скопје.
Изложбата ќе биде отворена 10 месеци.