„Министерството за култура и туризам годинава стави акцент на финансиските потреби на националните установи, односно за нивно збогатување со квалитетни програмски содржини, секако, не на сметка на другите корисници, кои со своите активности квалитативно партиципираат во културниот живот. Изминатите месеци, направивме сеопфатен увид во културата и она што можеме да го потврдиме е дека националните установи се целосно девастирани“, посочи Зоран Љутков, министер за култура и туризам, презентирајќи ги резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес во културата  

 

Проекти од национален интерес во културата годинава ќе се финансираат со 814 милиони денари, буџет што е поголем за 74 милиони денари од лани. Во овие средства издвоени од Министерството за култура и туризам, предвиден е и посебен буџет за креативните индустрии, за кои ќе се објави посебен конкурс. Како што посочи министерот Зоран Љутков, преку системот за електронско аплицирање пристигнале вкупно 2.888 пријави, а поддршка добиле 1.365 проекти.

„Министерството за култура и туризам годинава стави акцент на финансиските потреби на националните установи, односно за нивно збогатување со квалитетни програмски содржини, секако, не на сметка на другите корисници, кои со своите активности квалитативно партиципираат во културниот живот. Во изминатите месеци, направивме сеопфатен увид во културата и она што можеме да го потврдиме со сигурност е дека националните установи се целосно девастирани“, изјави Зоран Љутков, министер за култура и туризам, на вчерашната прес-конференција на која ги соопшти резултатите од годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес. Тој потенцираше дека Министерството ќе се посвети на целосно враќање на сјајот на националните установи, како програмски така и во делот на одржувањето и на кадровското екипирање.

Повеќе средства за драмската, издавачката дејност…

Според Љутков, годинава има зголемување на буџетот во драмската дејност за 40 %, библиотечната, меѓународната дејност и заштитата на аудиовизуелните добра за 30, а во визуелните уметности, архитектурата и дизајнот, како и во издавачката дејност, за 25 %.

„Од оваа година воведовме промени во начинот на финансирање на програмските активности за 18 национални установи, кои ќе добијат делегиран буџет и тие се обврзани да ги објават своите годишни програмски содржини на своите веб-страници. Овие промени имаат цел да создадат услови за поефикасно планирање и реализација на програмските содржини од страна на директорите, поголема автономија, но и поголема одговорност“, додаде Љутков.

Продолжува изградбата на театарот во Струмица и на Универзална сала

Со програмата за инвестиции, годинава ќе продолжи изградбата на театарот и на библиотеката во Тетово, на НУ Турски театар во Скопје и на „Стар театар“ во Струмица, а ќе продолжи и реконструкцијата на театарот при НУ Центар за култура во Куманово. Како што посочи Љутков, годинава ќе започне и реконструкцијата на НУ Музеј на Македонија и на поранешното кино „Партизан“ во Битола. Исто така, се предвидува и: санирање на проодните тераси на објектот на Македонскиот народен театар, санација во Велешкиот театар, како и санација на покривот на стариот дел од објектот на НУБ „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Целосно ќе бидат завршени и градежните активности на просторот наменет за НУ Џез-оркестар – Скопје. Во однос на проектот за реконструкција на Универзална сала, кој е во постапка на промена на инвеститорот, а по претходно одобрение од Владата, во тек е објавениот тендер за градежно-конструктивни елементи.

Скопското Кале и Курбиново целосно ќе бидат завршени

Скопското Кале и Курбиново годинава ќе бидат целосно завршени и промовирани, ќе се работи на Плаошник, а ќе се изврши и целосна конзервација и реставрација на Спомен-домот „Разловечко востание“. Капиталните проекти, според Љутков, се и целосно завршување на активностите во Лешочкиот манастир, препокривање на црквата во Матејче, завршување на капитален повеќегодишен проект – конзервација и реставрација на црквата „Свети Кирил и Методиј“ во Струмица, како и на манастирот Трескавец, поточно црквата „Свето успение на Пресвета Богородица“.

„Продолжуваме со забрзана динамика и на реставрација на Аквадуктот, а во план е целосна реализација на основниот проект за архитектурата на куќата на Лазар Личеноски. Предвиден е и повеќегодишен план за театарот во Стоби и завршување на проектот ‘Центар за посетители’“, додаде, меѓу другото, Љутков, посочувајќи дека во областа на археологијата, годинава ќе се истражува на локалитетите Корошишта, Била Зора, Манчевци, Баргала – Штип, Стибера – Прилеп и Тумба Маџари.

Одбележување јубилеи

Во рамките на програмата, ќе бидат поддржани и повеќе јубилејни проекти на индивидуални музички и танцови уметници, меѓу кои и 100-годишнините на Кирил Македонски и на Властимир Николовски и 120-годишнината на Стефан Гајдов.

„Годината ќе ја одбележи настапот на ексклузивниот Пласидо Доминго, кој првпат ќе настапи во Скопје, и тоа во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет. Очекуваме содржински и интензивни репертоари во нашите најреномирани национални установи – НУ Македонска опера и балет и Македонска филхармонија, како и богата програмска понуда на „Охридско лето“, кажа Љутков.

Во фолклорната и во сценско-уметничката дејност, покрај зголемената поддршка за „Танец“ и за Албанскиот ансамбл за народни ора и песни, во фокусот се и културно-уметничките друштва, фолклорните ансамбли и фолклорните здруженија што бележат значајни јубилеи и годишнини, како и традиционални фестивали и манифестации.

Љутков рече дека во областа на визуелните уметности, архитектурата и дизајнот, програмата е конципирана со квалитетни, комплексни и разновидни проекти.

„Централните изложбени активности ќе се реализираат во Музејот на современата уметност и во Националната галерија на Македонија, кои вклучуваат ретроспективно-монографски изложби и одбележување јубилеи на значајни автори, тематски и проблемски изложби, проекти од меѓународен карактер…, а би ги издвоиле: 90 години од раѓањето на реномираниот македонски автор Стефан Маневски и 100 години од раѓањето на Јордан Грабулоски. Значајна поддршка за остварување на своите активности добија и многубројни корисници од невладиниот сектор и физички лица. Во рамките на програмата за визуeлни уметности, посебно место имаат и проектите наменети за најмладата популација“, кажа Љутков.

 Годинава 57 премиери

Во годишната програма за драмска дејност, очекуваме да се реализираат 57 премиери во организација на националните театри, што претставува за 40 % зголемена продукција и двојно поголема финансиска поткрепа во однос на изминатите години.

Во најобемната област по број на пријави, литературата и издавачката дејност, од прегледани над 1.000 пријави, поддржани се речиси половина. Поддржани се оригинални дела од врвни македонски писатели и академици, монографии и академски стручни публикации, превод на литература од странски јазици, електронски публикации, е-книги и дигитални изданија, детска литература и публикации на истакнати автори и дела на дебитанти.

„Сакам да истакнам дека 2025 е година во која Македонија одбележува 80 години од кодификацијата на современиот македонски јазик, а за таа цел, формиран е одбор, кој ќе подготви соодветна годишна програма“, додаде Љутков, кој, исто така, најави и дека од март ќе почне да функционира, со програма и со свој простор, Културно-информативниот центар во Белград, во Република Србија.

Како што најави, резултатите од конкурсите се објавени на веб-страницата на Министерството за култура и туризам. (Д.Т.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ